Повеќе од 60 издавачи од Македонија, Унгарија, Србија, Косово, Албанија, Данска се дел од 31-то издание на Меѓународниот саем на книгата кој ќе се одржува од 8 до 14 мај во Арена „Борис Трајковски“.

Во соработка со Скопски Саем, Унгарија и унгарската книжевност ќе бидат во фокусот на 31-от Меѓународен саем на книгата во Скопје. Како земја во фокус, Унгарската амбасада во Скопје на посебен штанд ќе ги претстави унгарските книжевни дела објавени на македонски јазик во последниве години. Она со што може да се пофали оваа земја, е богатата книжевна литература, со многу наградувани автори и литературни дела, кои можат да се најдат на полиците за книги ширум светот, а токму на саемот на книга публиката ќе има можност лично да се сретне со авторите Едина Сворен и Ласло Багоши, како и со македонските преведувачи на унгарската литература Паскал Гилевски и Златко Панзов.

Во 2019 година ја славиме 25 – Годишнината од постоењето на билатерални дипломатски односи меѓу Унгарија и Македонија. Министерството за надворешни работи и трговија на Унгарија одлучи да ја прослави годишнината од четврт век со низа културни настани, со цел Унгарија и унгарската култура да се доближат до македонските граѓани преку литература, музика, танц, фотографија, гастрономија и научни сознанија. Унгарија е модерна, креативна земја која ги почитува традиционалните вредности и ја промовира културната разновидност. Се надеваме дека низата настани може да дадат нов поттик за нашите билатерални односи и да придонесат за проширување на културната соработка, изјавиja од амбасадата на Унгарирја во Република Македонија.

За време на саемот, покрај врвните унгарски книги, ќе биде изложена и изложба на илустрации од современи унгарски детски книги.

Работното време на саемот е од 10.00 до 20.00 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.