Огромна поддршка добија средношколците-автори на филмот „Светлина“ во режија на Мартин Чичовски, вчера по премиерата на филмот во рамките на „Џифони Македонија“ што се одржа во киното „Фросина“. Овации, аплаузи, многу прашања следуваа по проекцијата на филмот, кој трае 30 минути. Видно возбудени и со трема, талентираните средношколци – вљубеници во филмот најавија дека ќе снимат и втор дел од филмот. Улогите ги толкуваат: Мартин Чичовски, Марија Додовска, Вања Тројачанец и Матеа Димовска. Ова не е прв филм за Чичовски, кој беше и сценарист, монтажер и режисер на филмот.

Ви благодариме на сите за поддршката, очекувавме убаво да нè пречекате, ама не толку. „Светлина“ го снимавме три месеци. Направивме филм во кој сакавме да им упатиме порака на родителите дека треба да ги поддржуваат своите деца и да ги остават да го прават својот избор. Во филмот сакавме да обрнеме внимание и на темата на малолетничката бременост, која ја има сè повеќе, и дека сите треба да бидеме повнимателни – вели режисерот Чичовски.

Тој најави дека сценариото е замислено со втор дел, но кога ќе се сними, не е извесно поради обврски на училиште, а и финансии.

Младите актери Додовска, Тројачанец и Димовска посочија дека не било лесно да се снима, но и дека многу научиле од соработката со Чичовски.

„Светлина“ не е прв филм за нив. Нивен прв самостоен филм беше „Ема“, а неодамна добија и награда за краткометражниот филм „Фотографот“ на Филмскиот фестивал во Србија.

На вториот фестивалски ден џифонци се сретнаа и со претставници на „Friday for Future“, кои им го доближија ова движење, иако и добар дел од џифонци веќе го поддржуваат. Имаа можност да проследат и мастер-клас со претставник на Македонија – Светски обединети колеџи – глобалното образовно движење кое го користи образованието како сила за обединување на луѓето, нациите и културите за мир и одржлива иднина.

Џифонци вчера се запознаа и со дел од екипата на српскиот филм „Сечи“ во режија на Коста Ѓорѓевиќ.

Во Кинотеката на Македонија, каде што се одвива програмата наменета за јуниорите, освен редовните работилници за модерен танц, театар и за ликовна уметност, вчера се одржа и работилница со шефот Давор Панчевски, која ја нарековме „Готвиме филм“.

Музичкиот бенд кој ги освои срцата на младите, „Дупер“, денеска ќе биде гостин на фестивалот во 17 часот. Борис Какуринов и Илчо Нечовски ќе им раскажат како ја размрдаа македонската музичка сцена.

Еден час подоцна ќе биде ставен фокус на главната тема на фестивалот. Низ игра младите ќе научат факти за климатските промени. Здружението „Еко свест“ ќе одржи предавање на тема „Загадување на воздухот – тивок убиец“.

Можеби најбогатиот фестивалски ден на 7. издание на „Џифони Македонија“ ќе заврши со Меѓународната вечер, во која гостите од сите десет земји ќе се претстават кој како знае и умее.
Патувачката училница „Una vita da social – Живот на социјалните мрежи“, проект на министерството за образование и наука на Италија, а ја реализира одделението за безбедност во комуникациите при италијанското министерство за внатрешни работи, денеска ќе биде поставена пред „Скопје сити мол“.

Експерти од италијанската полиција ќе им доловат на децата и младите како може да се користи интернетот на полезен и безбеден начин, со укажување на најнепредвидливите замки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.