Два документарни филма ќе бидат прикажани вечерва во Кинотеката на Македонија. Од 20 часот е проекцијата на „Музиката е уметност на времето 3: ЛП филм Лајбах“ од 2018 година, а од 21 часот – на „Музиката е уметност на времето 1: ЛП филм Панкрти – ,Долгцајт’“. Двата филма се во режија на Игор Зупе.
Првиот филм е за првиот официјален домашен албум на „Лајбах“ од 1985 година. Иако во тоа време името на бендот беше политички забрането во Словенија и СФР Југославија (Laibach е германското име за Љубљана користено за време на нацистичката окупација во Втората светска војна), винилната плоча беше објавена без име и наслов. „Лајбах“ остана најверојатно најконтроверзниот арт-бенд (како дел од политичко-уметничкото движење „Neue Slowenische Kunst“ / „Нова словенечка уметност“) со неговиот специфичен стил „Laibach Kunst“. Документарецот на Зупе се концентрира на првите пет години од постоењето на бендот чии членови се прокламираа како „инженери на човековата душа“, иронизирајќи го социјалистичкиот реализам во уметноста и културата на некогашна Југославија по Втората светска војна, и потсетува на улогата на некогашниот фронтмен на групата Томаж Хостник.
Вториот филм е приказна за времето кога музиката имала моќ да го промени светот, за деби-албумот Dolgcajt (на англиски преведуван како No Fun) во траење од 36 минути и 6 секунди. „Панкрти“ 1978 и 1979 година со енергичните концерти и песните „Убави и празни“, „Тотална револуција“, „Кои се тие луѓе“, „На линија сум“, „Метка“, „Леб и игри“ и други влијаеле пресудно на трендовите на југословенската рок сцена, посебно во Загреб и Белград. Во сивилото на социјалистичкото секојдневие, „Панкрти“ го издадоа првиот панк-албум зад „Железната завеса“ која ги делеше европскиот Исток и Запад, а СФР Југославија беше „нешто помеѓу“. Dolgcajt е издаден на Денот на словенечката култура во 1980 година. Продадени се 11.000 примероци од албумот, а државниот издавач ЗКП РТВ од Љубљана никогаш повеќе не го објави. Албумот на „Панкрти“ влијаеше на цели генерации музичари и неговото издание сè уште е една од пресвртниците на словенечката музика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.