Полскиот пијанист Карол Раѓивонович вечер од 20 часот ќе настапи во малата сала на Филхармонијата во рамки на манифестацијата „Есенски музички свечености“. Концертот го организира Полската амбасада и е по повод 101 година од возобновувањето на независноста на Полска што се одбележува како националниот празник на 11 ноември.

Пијанистот со долгогодишно искуство и меѓународна кариера Раѓивонович пред македонската публика ќе настапи со дела од најпознатите полски композитори Фредерик Шопен и Игнациј Падеревски.

Раѓивонович е едуциран во Полска и во САД, имал голем број настапи на сите континенти и соработувал со познати симфониски оркестри и со истакнати диригенти. Во 2001 година во „Карнеги хол“ во Њујорк со „Sinfonia Varsovia“ ја извел Пијано фантазија на Падеревски на 60-годишнината од неговата смрт, а на многу светски сцени и музички фестивали настапил со полски музички рецитали и програма со дела од Шопен. Бил основач и повеќе години претседател на жирито на натпреварот за млади пијанисти „Chopin Golden Ring“ во Словенија.

По повод гостувањето на Раѓивонович, амбасадорот на Полска Војциех Тицињски на прес-конференција на која беше објавена програмата на годинашните „Есенски музички свечености“, истакна дека културната соработка е особено значајна и најави наскоро и Фестивал на полски филм, Денови на полска кујна и ревија на цртани филмови од полската кинематографија.

Следниот програмски термин на 20. „Есенски музички свечености“ е 15 ноември од 20 часот во фоајето на НОБ и настапот на камерниот оркестар „Профундис“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.