Вокално – инструменталниот состав „ Тркалезна маса“, вечерва во Сули ан ќе го изведе поетско – музичкиот перформанс „Песни и звуци од чудната шума“. Изведбата на перформансот е во рамките на годинашното „Скопско лето“, а ќе започне во 20 и 30 часот.
Проектот „Песни и звуци од чудната шума” е поттикнат од новиот бран на актуелната продукција на поезија за деца. Среде Старата скопска чаршија, преку музички пејзажи, публиката ќе биде воведена во амбиентот на шумата, а ќе се читаат најнови песни за деца, најголемиот дел неодамна објавени во е-списанието „Чудна шума”.
„ВИС Тркалезна маса” е група настаната во рамките на четириесетмесечниот поетски маратон „Астални проекции”. Составот обединува писатели, музичари и уметници, со различни творечки искуства, сплотени околу меракот за импровизирана музика, настаната во спонтан дијалог со книжевноста и со омажи на значајни уметници и писатели – Дејвид Боуви, француски надреалисти, Блаже Конески, Лилјана Дирјан. Покрај многубројните концерти во рамки на „Астални”, ВИС Тркалезана маса настапувал на неколку манифестации: Денови на европската култура, Радио Слободно Скопје, АртАреа.
Настапуваат поетите, визуелни уметници и музичари: Ана Голејшка- Џикова, Ѓоко Здравески, Владимир Лукаш, Васко Марковски, Деан Шкартов, Душан Кировски, Перо Сарџоски, Владимир Мартиновски, Ѓорѓе Јовановиќ, Круме Стефановски и Тома Димовски.
Согласно објавените протоколи бројот на публиката ќе биде ограничен и задолжително ќе биде почитувањето на препорачаните мерки: носење заштитни маски, мерење телесна температура на влезот на Сули ан, одржување на пропишаната физичка дистанца меѓу посетителите во гледалиштето и дезинфекција. Публиката ќе започне да влегува во 20:00 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.