Вечерва, во 19 часот оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Хипноза“ на кој како солистка ќе настапи пијанистката Марија Ѓошевска. Диригент е Антони Вит, а на програмата се Серенада за дувачи оп.7 од Штраус, Концертот за пијано и оркестар бр.2 од Сергеј Рахмањинов и Серенада за гудачи од Карлович.
Концертот за пијано и оркестар бр. 2 во це-мол од рускиот композитор Сергеј Рахмањинов премиерно бил изведен на 9 ноември 1901 година. Овој концерт е пијанистичко ремек-дело. Еден од најпознатите и најизведувани концерти на светската музичка сцена. Овој концерт, всушност, му ја „вратил“ назад музичката кариера на Рахмањинов, по неуспехот на неговата Прва симфонија.
Рихард Штраус имал 17 години кога ја напишал „Серенада за дувачи“ во 1881 година. Како чудо од дете, веќе имал напишано Гудачки кварет, Соната за пијано, неколку пократки дела за пијано, Марш за оркестар… Неговиот татко, Франц Штраус, бил водач хорнист во оркестарот во Минхен, а инспирацијата од неговото свирење, секако, е една од причините за создавањето на ова дело.
Мјачеслав Карловиц (1876–1909) е полски композитор, претставник на „Младата Полска“, генерација музичари од кои е најпознат Карол Шимановски.
Добитникот на „Греми“ – маестро Антони Вит е еден од највлијателните полски диригенти и воопшто, еден од најпочитуваните ликови на полската музичка сцена денес.
Марија Ѓошевска е една од најистакнатите пијанисти во Република Македонија. Секој нејзин нов настап ја потврдува констатацијата дека, во нејзината личност, македонската музичка сцена доби пијанист со врвни професионални перформанси, мунициозна виртуозност и изразита индивидуалност. Музичкото образование го започнува во Основното музичко училиште „Владимир Арсовски“ во Неготино. Средното музичко училиште го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски–Луј“ во Скопје, во класата на проф. Снежана Анастасова-Чадиковска (1998), а дипломира (2002), магистрира (2004) и докторира (2009) на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог проф. Борис Романов. Во рамките на докторатот, под менторство на проф. д-р Томе Манчев, Ѓошевска успешно го брани научниот труд на тема „Аспекти на влијание на хармонијата врз репродуктивниот процес погледнато низ призмата на делото Соната за пијано D-960 од Франц Шуберт“. Добитничка е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Настапува како солист со Македонската филхармонија, а значајни се и концертите со Дубровачки симфониски оркестар, Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на Меѓународниот фестивал „Охридско лето“, соработувајќи со повеќе диригенти: Кристоф Кампестрини, Антон Нанут, Леонид Николајев, Патрик Штруб, Арилд Ремерајт, Јуриј Алиев, Саша Николовски – Ѓумар, Борјан Цанев… Репертоарот на Марија Ѓошевска опфаќа голем број дела од барок до современа музика. Во периодот 2010–2011 година, учествува на европскиот проект „Пијано – рефлексија на европската култура“ со концерти во пет земји: Франција, Австрија, Полска, Молдавија и Македонија. Во 2011 година, одржува целовечерен Рецитал на фестивалот PianoPlageFestival во Франција. Марија Ѓошевска, во 2016 година, ја доби престижната награда „Виртуози“ во категоријата музички изведувач.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.