Мурали со ликовите на Блаже Конески и Стале Попов осамнаа во центарот на Прилеп, како дел од проектот „Улична уметност, можност за реактуелизација и презентација на дејноста и делата на нашите истакнати домашни дејци“. Проектот го реализира филмската продукција „Дрим Фектори“ од Скопје во соработка со здружението Центар за современа ликовна уметност – Прилеп.

Муралите се дело на академските ликовни уметници Сања Јездиќ, Ферди Булут и Александар Џинго, во координација на Центарот за современа ликовна уметност од Прилеп.

Од ЦСЛУ велат дека ова е дел од уличната уметност, преку која се постигнува автентичност и обележје на многу градови и која живее и во виртуелните заедници, виртуелните јавни дискурси и неодамна стана предмет на присвојување од популарната култура и главната симболика на светската современа ликовна уметност.

Муралот на кодификаторот на македонскиот јазик, поет и лингвист, Блаже Конески е насликан на ѕидот од некогашниот хотел „Скопје“, во центарот на Прилеп, во близина на Участакот, а додека пак, муралот со ликот на романописецот и писател, прилепчанецот Стале Попов е спроти општинската зграда, врз објектот на Одделението за имотно-правни работи во Прилеп.

Проектот опфаќа изработка на два ѕидни мурали на уникатно избрани локации и два кратки докуметарни филмови и видеа за промоција и презентација на дејноста и делата на Конески и Попов, како дел од избраните проекти на јавниот повик за финансиска поддршка за индустријата и операторите за организација на настани по повод 30 години од државноста.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.