Музејот на современата уметност (МСУ) Скопје има отворен повик со сите млади уметници за претстојното 13. Биенале. Биеналето оваа година ќе се одржи од 5 мај до 1 септември 2020, во Музејот на современата уметност – Скопје.Темата е /ˈwɒndəlʌst/страст за лутање. Повикот е отворен до 20 март 2020 година, за македонски и странски автори.

На отворениот повик може да се пријават млади уметници на возраст од 18 до 35 години во формати и на начини што овозможуваат исчезнување на целите.

Главната тема на ова Биенале на млади уметници е немање цел за ништо конкретно во сегашната состојба на нештата во светот, туку желба сè да биде другаде. Сè што може да се случи таму. А, работите обично се случуваат кога се движиме. Без поставена цел, сè може да се случи, велат од МСУ.

Пријавите ќе може да се испраќаат во електронска форма на македонски и англиски јазик на маил адресата: info@msu.mk со назнака: Пријава за Биенале на млади уметници.

Апликацијата треба да содржи опис на делото, кратка биографија до 500 зборови, фотографии од делото со податоци за наслов, година, техника и димензии, како и листа на потребна опрема за техничка реализација и инструкции за инсталација на делото. Авторите конкурираат со едно свое дело настанато во периодот од 2018 – 2021 година. За резултатите од конкурсот уметниците ќе бидат известени до 1 април 2020.

Сите пријавени дела на биеналето ги селектира и оценува жири комисија.

Сакаме да ја поттикнеме желба за талкање низ простори внатре и надвор, за конкретно да ги прошириме просторите за лутање, простори што се (о)слобод(е)ни од доминантниот код со кој се фиксира и се имобилизира поединецот и колективот. Овие нови простори што се достапни без никаква цел, претставуваат отвори со потенцијал за новина во, и за, уметноста. Токму во тој краток спој меѓу новината и новиот простор којшто таа истовремено го пронаоѓа, /ˈwɒndəlʌst/ станува политичко движење, велат од МСУ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.