Млад отворен театар (МОТ) првпат ќе го смени датумот на одржување и оваа година настанот ќе се случува од 12 до 19 септември, а не на крајот на месецот, како што е вообичаено. Ова е најмногу поради тоа МОТ се одржува во ист термин со Интернационалниот фестивал на филмска камера  „Браќа Манаки“ во Битола, најави Русе Арсов, в.д директор на Младонскиот културен центар (МКЦ) и програмски директор на театарскиот фестивал.

Со години ни се случува истата практика со „Браќа Манаки“. Затоа сега се охрабривме и решивме МОТ наместо на крајот на септември, да се одржи од 12 до 19, рече Арсов, кој најави две светски имиња на МОТ за оваа година.

Словенско младинско гледалишче ќе гостува со претставата „Без наслов се уште“, која трае 12 часа, а е во режија на словенечкиот режисер Томи Јанежич, кој пред неколку години гостуваше на МОТ со „Галеб“ на Антон Чехов. Тогаш претставата траеше шест часа. За затворање на МОТ во рамките на ревијалниот програмски дел Арсов најави концерт на легендарната британска трупа „Tiger Lilies“.

Денеска на прес конфренцијата МКЦ ја објави годишната програма за 2019, најавувајќи дека имаат потврдено гостувања на познати уметници и дека само во првиот квартал од годинава се планирани над 40 настапи на домашни и странски артисти.

Само за овие два месеци од новата година имаме „да пукне” со канадскиот бенд Operators, Хрватите Nipple People, а фантастичните Tiger Lilies од Британија ќе ги имаме за затворањето на овогодишниот МОТ. Едно од најголемите имиња што успеавме да ги обезбедиме за 2019 година е Лиза Џерард,  едната половина од епското дуо Dead Can Dance, која ќе ни гостува во рамки на нејзината турнеја со бугарскиот хор Le Mystère des Voix Bulgares, соопштија од МКЦ.

За Фестивалот на европски филм „Синедејс“ за 2019 година плановите на МКЦ се поголем состав на жирито, повеќе етаблирани имиња, уште поцврста програма, активности вон фестивалските дати и надвор од главниот град – дисперзија на програмата во неразвиените општини, филмска едукација за најмладите, како и соработка со регионалните фестивали за воспоставување на „Video On Demand“ платформа за прикажување на филмските наслови и постфестивалските прикажувања“

Во план имаме и бројни останати активности, кои би значеле уште поголем и поширок развој на фестивалот, воведување на две нови награди – награда за најдобра музика на филм, со оглед на тоа дека во рамките на програмата голем дел посветуваме и на музичката програма и на музичките документарни филмови, но и награда за најдобра маркетинг кампања на филм, која планираме да ја реализираме во потесна соработка со домашна маркетинг агенција. Во план е гостување на големо име од филмската индустрија, кое е сѐ уште во најава – Џим Џармуш, но не во својство на гостин на фестивалот, туку како музичар, кој би настапил со свој концерт, рече Маргарита Арсова.

Од капиталните инвестиции на МКЦ за оваа година планирани се корекција на акустиката на концертната (денсинг) сала, изградба на монтажна летна сцена и промоција на паркот зад МКЦ во простор во кој ќе се случуваат културни настани, реновирање на платото пред МКЦ и отворање на Младински тренинг центар, каде што младите ќе можат бесплатно да добијат обука за работа, а потоа својот потенцијал да го искористат како дел од тимот на МКЦ.

Можеби е нескромно ние да го правиме ова, но во ек на тектонски поместувања во сферата на културата, сметаме дека е важно континуирано да се потсетува на важноста на зачувување на она малку култура што остана необлепена со стиропор. Дотолку повеќе кога станува збор за јавна установа, или репрезент за културата на еден град, каква што е МКЦ. Она што е неизбежно да се нагласи кога се зборува за МКЦ е тоа дека оваа јавна установа отсекогаш била дом за прогресивни идеи и културни дејци, дека речиси половина век успевала да пркоси на секој бран на шунд и кич и можеби најважно, дека дури и во најмрачните денови за културата и уметноста, МКЦ беше единствениот вентил на слободата во оваа земја. МКЦ сме сите ние, и МКЦ треба да остане во рацете на грст професионалци, кои беа и се доследни на своите неприкосновени идеи за креирање на сеопфатни културни политики и продукција на содржини, со цел зачувување на и онака кревкото културно јадро на нашата држава, заклучуваат од МКЦ.

На средбата со новинарите од МКЦ информираа дека Центарот е дел од уште два европски проекти, театарскиот проект CHORUS во соработка со пет реномирани театари од Европа, меѓу кои и Upstart theater од Лондон, PATHOS од Берлин и Theater am Lend од Австрија. Целта на проектот е продукција на заедничка театарска претстава, која ги истражува новите современи облици на театарскиот израз.

МКЦ е дел и од повеќегодишноот проект CREART како партнер на Град Скопје во извршната реализација на проектот што вклучува повеќе од 200 артисти и над 30 куратори во мрежата на градови здружени во различни активности со цел културно и уметничко издигнување на општеството.

Во текот на оваа седмица од МКЦ најавуваат дека ќе го објават повикот за новиот проект „Сирова Култура“ што ќе започне оваа година. Идејата зад проектот е четири пати во годината на младите независни и неафирмирани артисти да им се даде простор и време да го претстават она што го создаваат. Овој проект ќе биде наменет за артистите што создаваат авторска музика, создаваат уникатни уметнички дела, театар, пишуваат проза/поезија или драми.

На прес конференцијата беше соопштено дека во 2018 година организирале над 300 настани, со преку 200 илјади посетители.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.