Фестивалот на филмската монтажа „Синематик“ од Скопје ви го најавува третото издание, што ќе се реализира на 12 и 13 декември во Кинотеката на Македонија. Фестивалот, кој го организира Асоцијацијата на филмските професионалци на Македонија, и годинава ќе го стави својот фокус на професионалците кои публиката не ги гледа на филмското платно, но без нивната работа, не е возможно да се случи филмската магија. Отворањето на „Синематик“ ќе биде на 12 декември во 20 часот, со проекцијата на наградуваниот шпански филм „Убивајќи го Бога“ во режија на Каје Касас и Алберто Пинто. Фестивалот ќе го отвори Љупчо Тодоровски, претседател на Асоцијацијата на филмските професионалци на Македонија.
На првиот фестивалски ден ќе бидат прикажани: комедијата „Хотел Гагарин“ (16 часот), „Голијат“, швајцарска драма во режија на Доминик Лохер (18 часот)
Швајцарскиот детски филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ ќе биде прикажан на 13 декември во 16 часот. Од 18 часот ќе следува германскиот „Четири раце“. Фестивалот ќе биде затворен во 20 часот, со проекција на германската комедија „Стрикер (Гол натрапник)“ на Петер Луиси.
Наградата „Златен рез“ за најдобар монтажер ќе ја додели жирито во состав: Гоце Кралевски, Мартин Иванов и Сандра Ѓоргиева.
Добитник на наградата за животно дело годинава е британскиот монтажер Ник Гастер, човекот со богата монтажерска биографија, кој има дадено огромен белег и во македонската кинематографија.
Гастер е монтажерот на два филма на Милчо Манчевски – неприкосновениот „Пред дождот“ и „Прашина“, амалгам на националниот револт и традиционалниот вестерн (како што Гастер го опишува). Тој е потпишан и на монтажата на филмовите на Теона Митевска („Како убив светец“ и „Жената што си ги избриша солзите“. Ник Гастер го монтираше и „Ослободување на Скопје“ на Раде Шербеџија.
Ник Гастер, за жал, нема да може да биде гостин во Скопје, поради ангажман на филм. Затоа испрати порака за македонската јавност:
– Многу ми значи времето што го поминав во Македонија, работејќи и создавајќи пријатели со сите талентирани техничари и уметници од македонската филмска индустрија. Јас сум многу благодарен за топлината и гостопримливоста што ме пречека кога работев всушност во сите републики на поранешна Југославија. Филмските луѓе сме посебна раса: го зборуваме истиот специјален јазик на соработувачка уметничка креативност што го прави животот вистински возбудлив! Драго здружение на филмски професионалци на Македонија, ми причинувате огромна чест што ме наградувате со награда за животно остварување за монтажа. Ви благодарам многу. Многу ми е жал што не можам да бидам со вас лично. Сѐ уште сум активен во процесот на монтажа на филм за Катерина Велика и затоа не можам да дојдам во Скопје. (Но, ќе можам да монтирам филмови подоцна!)
Како што можете да видите од мојата фотографија, облечен сум за церемонија на награди. Ја вклучив и мојата сопруга Сузан во оваа фотографија, исто така. Таа, исто така ви се заблагодарува. Таа вели дека конечно, таа не мора да ме слуша како се жалам дека ми недостига признание, за што таа ви е длабоко благодарна. Јас сум многу благодарен што ја имав прекрасната привилегија да ја посетам Македонија толку многу пати. Тоа место е многу блиску до моето срце.
Ник Гастер е роден во Хампстед, Лондон во 1946 година. Учел во Уметничко училиште, отсек сликарство. Со тек на време неговиот интерес се менувал и почнал да се опседнува со филмот. Две години учел во Лондонското училиште за филмска техника, каде ги научил сите аспекти на филмската вештина, вклучувајќи режија, светло и камера, монтажа на звук и слика.
Работел и како фриленсер на ТВ-филмови и документарци. Во 1974 година соработувал со Feature Films, како музички монтажер на „Монти Пајтон и Светиот Грал“.
Работел на многу успешни филмови, меѓу кои е и номинираниот за „Оскар“ „Whales of August“ на Линдзи Андерсон со Бет Дејвис во главната улога, како и „A World Apart’ на Крис Менгес, кој освои специјална награда од жирито и награда за најдобра актерка во Кан.
Гастер работел на индискиот митолошки класик „Махабхарата“ во режија на Питер Брук. Овој шестчасовен филм беше прикажан во цел свет, а освои и „Златен глобус“ за најдобар ТВ-филм. Во 2001 со Брук го снимиле радикалното дело „Хамлет“. Британскиот монтажер работел и на филмот „Розенгранц и Гилденстерн се мртви“, филм на Том Стопард, што освои „Златен лав“ на Венеција. Гастер монтирал и два филма на Ралф Фајнс („Кориолан“ и „Невидлива жена“).
„Среќниот принц“ е последниот филм на кој работел Гастер. Станува збор за режисерското деби на Руперт Еверет, кое зборува за последните денови на Оскар Вајлд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.