„Кармен“ е монодрамата која во режија и драматизација на Дејан Пројковски премиерно ќе се изведе вечерва, на 21 мај, со почеток од 20 часот во Драмскиот театар. Монодрамата, која ќе ја одигра актерката Биљана Драгиќевиќ Пројковска, е работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ на шпанскиот романсиер, еден од најважните автори на 20 век, Мигел Делибес.

„Пет часа со Марио“ е ремек-дело на Делибес, објавено во 1966 година, и претставува верен експонент на социјалниот реализам, литературен тренд во Шпанија во средината на минатиот век. „Преку внатрешниот дијалог на жена во криза – Кармен, Делибес, открил најголем дел од постојаните политички и социјални тензии во тоа време во Шпанија. Не залудно неговото ремек дело ‘Пет часа со Марио’ спаѓа во рамките на неговата листа на ‘сто најдобри романи на дваесеттиот век’“, велат од Драмски.

Режисерот Пројковски, по повод премиерата на „Кармен“, им се заблагодари на колегите во Драмскиот театар што изминатите неколку месеци “му покажале на театарот дека се негови вистински пријатели“.

Уметноста е духовната смисла на постоењето на секоја цивилизација. Токму затоа театарот е важен сегмент во Ноевиот ковчег на човештвото бидејќи со векови го создава и чува сè она што претставува смисла и вредност на постоењето на нашата цивилизација. И токму поради сето тоа е многу важно завесата во театрите да биде секогаш подигната“, истакнува Пројковски посочувајќи дека кога минатата година светот остана без претстави, изложби, проекции, концерти сите се запрашаа за смислата на постоењето на нашата цивилизација. „Основниот порив на задоволување на животинските нагони сигурно не е она што човекот го прави поразличен од животните. Кога би дошол крајот на оваа наша цивилизација се прашувам што е она што треба да остане како доказ за смислата и вредноста на нашето постоење. Сигурно тоа ќе бидат делата на Шекспир, Достоевски, музиката на Бах, иконите на Дичо Зограф, приказните на Цепенков, зборникот на Миладиновци. Сигурно нема како податок за нашето постоње да оставиме колку пластични шишиња сме произвеле, колку делфини сме отруле со нафта во океаните, колку војни сме воделе или колку конзерви успешно сме отвориле…“, додава Пројковски.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимограф е Раде Василев, композитор Горан Трајкоски, а сценски движења ги креираше Олга Панго.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.