Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје ја изрази својата благодарност до Министерството за образование и наука и до министерката Мила Царовска, поради доделувањето 15 стипендии за студенти што студираат македонска книжевност и македонски јазик на овој факултет.
Во почетокот на октомври, соочувајќи се со смалениот академски интерес за македонистиката како студиум, делегација на Катедрата за македонска книжевност побара прием кај министерката Царовска. Во делегацијата беа: д-р Кристина Николовска, раководител на Катедрата, д-р Весна Мојсова-Чепишевска, раководител на Семинарот за македонски јазик, литература и култура и професор, и д-р Венко Андоновски, професор. И претходно, сите членови на Катедрата беа свесни дека со процесите на евроинтеграција, природно ќе опадне интересот за изучување македонски јазик и македонска книжевност и дека ќе порасне интересот за други, компетитивни академски дисциплиини. Честопати и јавно укажуваа на потребата од владина поддршка и стимулирање на нашите идни студенти.
Од моментот кога ги соопштивме нашите потреби, до моментот кога еве, им се радуваме на стипендиите со кои се стимулира изучувањето и на македонската книжевност и на македонскиот јазик, помина само еден месец. Пријатно сме изненадени што МОН и министерката не само што покажаа разбирање за академската состојба на македонистиката, туку и брзо реагираа на нашите потреби. И веруваме дека ова е само прв чекор на една континуирана грижа од страна на Владата за македонскиот јазик, книжевност и култура.
Нил Армстронг, кога го направи првиот чекор на Месечината, извика: „Ова е мал чекор за мене, но голем за човештвото“. Ние парафразираме, во знак на благодарност: „Можеби е ова мал чекор за МОН, но секако голем за нашите студенти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.