Мојот другар Упа, имаше четири големи љубови, вели неговиот пријател и колега Мони Дамевски, за прераната смрт на македонскиот актер Љупчо Тодоровски Упа кој во јануари ја загуби битката со ковид-19 на 65-годишна возраст.

На 31 март, во 19 часот Кинотека ќе одржи омаж за Љупчо Тодоровски-Упа, кој беше актер, кастинг-директор, сценарист и продуцент. Во чест на прерано починатиот Упа ќе биде прикажан мини-документарец подготвен од неговите пријатели и соработници, краткиот игран филм „Налепница“ на Георги М. Унковски (една од последните улоги на Упа), и „Јазол“ на Кирил Ценевски, во кој Упа ја оствари својата дебитантска улога на филм.

Во неговата младост, прва му беше уметноста. Таа нè запозна, нè зближи, и од колеги не престори во најдобри другари, кумови, соборци, ортаци и духовни браќа. Подоцна, кога истата нè раздели, зашто тој тргна по остварувањето на своите соништа во Белград, а јас во Америка, а негова втора и најголема љубов стана неговото семејство. Упа ја обожуваше својата сопруга и бескрајно ги сакаше и се гордееше со своите синови. За нив беше спремен да даде сè. Секогаш со мисла како да ги израсне подобро, да им помогне полесно да ги остварат нивните дарби и соништа, тој стана нивна сенка и најголема поткрепа. А, кога ги израсна и тие помалку или повеке тргнаа по свој пат, Упа ја откри својата трета голема љубов. Во делот од животот кога повеќето се уморуваат од него, тој уште посилно ги засака луѓето. Секогаш спремен да посоветува, да расположи, да каже убав збор и да учествува во остварувањето на нивните потфати, тој стана поткрепа за многумина добри луѓе, вели Дамевски.

Упа беше бескрајно талентиран актер, извонреден сценарист, прекрасен пријател и извонреден трговец. Страсно ги сакаше македонскиот јазик и поезијата, умееше да создаде од ништо нешто, да му продаде стари штици на „старо купувам“, да тргува и со нафта и со клавири, оти умееше да се пазари, да убеди, умееше да изгради дури и зграда. Ако наумеше нешто, немаше врата што Упа не можеше да ја отвори.

Упа беше столб и поткрепа за многумина – за мене, за неговото семејство, за неговите пријатели и соработници и за неговата четврта голема љубов, Скиентологијата. Тој беше еден од нејзините основоположници и најголеми заштитници. А веруваше дека може СÈ, дека може САМ, и затоа ретко бараше помош. Затоа, знам дека многумина од оние кои ме побараа утрото по неговото заминување, во неверување дека веќе го нема, би сториле многу, ако и кога би можеле да му помогнат во неговата последна „битка“.

Но, ако мислите дека Упа ја загуби таа битка, не сте го познавале доволно. Тој не беше човек што се предава. И – тој не веруваше во смртта. Веруваше дека животот е игра во која ние, по природа бесмртници, по секој прекин, повторно и повторно се враќаме назад овде, за да ги оствариме своите неостварени цели и соништа, вели Дамевски.

Јани Бојаџи, филмски режисер и продуцент, вели дека со Упа смеењето секогаш беше последица на сериозен разговор за сериозен проблем.

А толку многу сериозни разговори за сериозни проблеми сме терале, што сега, од оваa дистанца, сосема неразумно сфаќам дека сите наши сериозни проблеми биле смешни. Најпосле, омилен начин да ја завршиме средбата и разговорот за сериозниот проблем ни беше „досмевање“ со омилената теза: „Ако сакаш да го насмееш Господ, кажи му за своите планови!“, вели Бојаџи.

 

Бојаџи вели дека со Упа планови за филмот „Кино љубов“  да се сними до крај, да се почне со реализација на филмот “Шеќерна земја“ до крајот на март, да се донапишат сценаријата за филмовите „Љубов и небо“ – и летово да почне снимањето на „Александар“ играната серија која веќе била подготвена: беше снимена и пилот-епизода, па во септември требаше да почне снимањето. Упа ја играше главната улога и беше копродуцент.

И на крај, уште еднаш да видиме што ќе се прави со – Мајсторот…! А и толку многу другите проекти се развиваа и подготвуваа во светот на желбите. Ааааахаа! Што да се прави, мајсторе? Освен планови? Да се смееме, онака како ти што се смееше. Гласно, со кревање глава, задолжително развлекување на „аааааахааа“ и плескање со раце! Оти, нели, разбравте дека главната идеја ни беше да се смееме гласно за да го насмееме Господ со нашите планови. Упа, Мајсторе – се смеам секој ден. Знам дека си сериозен сега кога пишувам за нашите планови. Не се смеј, не кревај глава, не развлекувај на „ааааахаа“, оти грми небото, и знам дека тоа си ти!, вели Бојаџи.

За филмскиот режисер Георги М. Унковски е сосема надреално и неприфатливо дека толку рано и предвремено пишува сеќавање за Упа.

Отсекогаш сум се восхитувал на Упа, кој неуморно успеваше да го одржи својот оптимизам дури и во времиња кои беа посебно тешки и непријатни. Од Упа имам уште многу да научам, а сега можам само да кажам дека ми е чест што успеав барем на кратко да бидам дел од неговиот живот и лично да бидам сведок на неговото творештво. Недостасуваш, и сега и во иднина, вели Унковски.

Упа играл во триесеттина кратки и долгометражни играни филмови и ТВ серии на повеќе јазици. Потписник е и на петнаесетина театарски режии и има одиграно десетици улоги во проекти и во театарски куќи низ цела поранешна Југославија, како и на безброј разни други сцени.

Еден е од основачите на аматерскиот театар „Чекори“. Во 1983 дипломира актерство кај проф. Љубиша Георгиевски. За време на студиите настапува во Драмскиот театар во Скопје. По Академијата, воден од творечкиот немир и можността за почесто играње на филм, заминува за Белград, каде останува цели 10 години… Го „пече“ занаетот покрај искусни и водечки југословенски актери, настапувајќи во повеќе филмови и театарски претстави. Од 1997 год., покрај актерството, се занимаваи со филмска и ТВ продукција, пишува сценарија и работи кастинг директор.

Неостварен сон му остана реализацијата на долгометражниот игран филм „Мајсторот“, за кој го напиша сценариото уште во 2010 година. Режисер на овој филм требаше да биде Иво Трајков, а проектот имаше и начелна согласност за соработка со легендарниот кинематографер Виторио Стораро (Vittorio Storaro), кој во 2005 ја доби „Златната камера 300“ за животно дело на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.