Ноемвриската програма на арт-киното на Кинотеката завршува со „Тајните архиви на Скопје: Човек – Лав Стори“, третиот краток филм за „Старо Скопје“ на Катерина Габунија и Александар Трајковски, а декемвриската програма ќе започне со „Мобил фестивал“.
„Тајните архиви на Скопје: Човек – Лав Стори“ е во продукција на „Вардар филм“, а во проектот учествуваа граѓаните со нивните снимки на осум милиметарски и супер осум милиметарски филмски ленти стари неколку децении.
Декемвриската програма, пак, ја почнуваме со Мобил фестивал – Фестивалот на филмови снимени со мобилен телефон. Технологијата се менува, „орудијата“ за снимање и платформите за прикажување исто така, но останува љубопитноста да се сними свој филм. Таа љубопитност веројатно е иста кога се прегледуваат месечните програми на Кинотеката, со желба да се најде „свој“ филм. Па, еве ја понудата за декември – соопштија од Кинотека.
Декемвриската понуда на кинотечната програма го содржи и краткиот игран филм „Северен пол“ на Марија Апчевска-Петровска, што беше селектиран во официјалната селекција на Канскиот филмски фестивал 2021, во конкуренција за наградата „Златна палма“ за најдобар краток филм. Учествуваше на десетина филмски фестивали низ светот. Филмот е сниман на малку подзаборавената супер 16 мм филмска лента, а неговата сторија говори за фрустрирачкото одраснување и сексуалното созревање на една тинејџерка.
Следуваат неколку наслови од регионот и Европа, во кој Македонија има малцинско продукциско учество. На програмата се два наслови од „новиот бран“ на бугарската кинематографија, 18 % СИВО на Виктор Чучков и НАСОКИ на Стефан Комендарев, и два словенечки филмови на необичниот автор Винко Модерндерфер: ИНФЕРНО и ЗАСТОЈ.
Во овој блок филмови спаѓаат и ВИА КАРПАТИЈА во режија на Клара Кочанска и Каспер Бајон – со најпознатиот актер-натуршчик на овие простори Бајрам Северџан – и последниот филм на неодамна починатиот автор Горан Паскаљевиќ, насловен И ПОКРАЈ МАГЛАТА.
Од Кинотека соопштија дека средината на декември е резервирана за „Недела на полски филм“, веќе традиционална филмска смотра на најдоброто од класичната и современа полска кинематографија.
Не ја пропуштаме можноста и да ве запознаеме со уште еден интригантен наслов во редовниот термин „Вечер на француски филм“ во избор на Францускиот културен центар, а декември го заокружуваме најновото издание на „Анимакс Скопје фест“ – Фестивал на анимиран филм – се наведува во соопштението на Кинотека.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.