На 5-ти мај,стотина млади од Скопје на возраст од 12-14 години ќе се вклучат во уникатиниот пан-европски настан на Европската филмска академија. Настанот ќе се одржи во Кинотеката на Македонија со почеток од 8:30 часот. Младите од нашата земја заедно со млади од 55 градови низ Европа ќе проследат исклучителни филмски остварувања наменети за млада публика и ќе бидат движечката сила на манифестацијата – меѓународното жири кое што ќе одлучува за најдобриот филм во оваа конкуренција. Наградата од млада публика (EFA Young Audience Award) е официјална категорија во рамки на Европските филмски награди огранизирани од страна на Европската Филмска Академија и ЕФА Продакшнс.
Целта на настанот е да овозможи размена на мислења на младите од Европа, да ја подигне свеста за важни општествени прашања како и да поттикне мултикултурна комуникација и толеранција. Уникатната природа на овој настан им овозможува на младите да го збогатат своето искуство и преку филмот да дознаат повеќе за европските приказни, земји, националности, култури и општества и активно ја ангажира младата публика во улогата на одлучувачко жири.
Годинава номинирани се следниве филмови:
OLD BOYS во режија на Тоби Мекдоналд (Велика Британија/Шведска)
LOS BANDO во режија на Кристијан Ло (Норвешка / Шведска)
FIGHT GIRL во режија на Јохан Тимерс (Холандија/Белгија)
Гласовите од Скопје ќе бидат соопштени преку видео клип во кој ќе земат учество сите учесници со фокус на двајцата презентери од нашето жири и тоа:
– Сара Крстевска од ОУ„Аврам Писевски“
– Ивона Николовска од ОУ„Аврам Писевски“.
Во паузите помеѓу филмовите младите од Скопје ќе добијат можност преку директна врска (Chat Booth)да стапат во контакт со своите врсници од другите европски градови вклучени во настанот и да споделат впечатоци. По проследување на трите номинирани филмови, многу дискусии и забава младите ќе можат преку онлајн врска да ја проследат и официјалната церемонија за доделување на награда од млада публика која традиционално се одржува во Ерфурт, Германија каде ќе бидат соопштени резултатите од гласањето од сите земји и на крајот на денот ќе биде доделена Наградата од млада публика.
Настанот во Скопје е во организација на Европската филмска академија и Агенцијата за филм на Република Македонија, со поддршка од Кинотека на Македонија и спонзорите Ладна и Витаминка. Агенцијата за филм е во преговори од наредната година настанот да се прошири и во други општини низ Република Македонија како би се овозможило на младите од другите градови да земат учество во ова уникатно доживување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.