„Мирно лето“ и „Фросина“ се камен-темелниците на македонската кинематогрфија, рече д-р Атанас Чупоски виш филмолог во Кинотеката на Македонија, каде што вечерва беше проекцијата на новата, дигитално реставрирана копија на првата македонска филмска комедија „Мирно лето“ на режисерот Димитрие Османли, од 1961 година.

Премиерата на првиот македонски филм, режиран од македонски режисер, се случила пред  60 години, на 18 мај 1961 година во скопското кино Култура.

Дигитално реставрираниот „Мирно лето“ ќе биде достапен за гледање он-лајн преку каналот на Кинотеката и во следните пет дена по оваа негова втора, „дигитална премиера“.

Заедно со „Мис Стон“ и „Македонска крвава свадба“, „Фросина“ и „Мирно лето“ се основоположниците на македонската кинематографија. „Фросина“ е првиот игран долгометражен филм снимен во продукција на тогаш единствената продуцентска куќа „Вардар филм“ во 1952 година. „Мирно лето“ е еден од класиците на македонската кинематографија. Значаен е по тоа што е прв македонски филм снимен од домашен режисер, бидејќи дотогаш било практика да се повикуваат режисери од другите југословенски републики. Ова е прв филм снимен на современа тема и е прва македонска комедија. „Мирно лето“ не бил предвиден да се сними во 1961 година, тоа требало да биде „Солунските атентатори“, но бидејќи Жика Митровиќ не успеал да ги оствари подготовките за филмот, на тој начин „Мирно лето“ добил виза за снимање. Снимањето малку се одолжило. Особено добра работа завршил покрај снимателот Љубе Петковски и сценогафот Диме Шумка, кој успеал да ги анимира сцените на охридското езеро со мрежи и чунови. Снимањето доцнело, почнале во доцна есен, набрзо ‘фатило’ големо невереме во Охрид, а требале да се снимаат сцени кои се случуваат на лето.Било невозможно да се продолжи со снимање во Охрид. Оттаму екипата се префрлила во Скопје, во хангарите на Сајмиште и таму биле реконструирани сцените со помош на извонредниот сценограф Шумка, рече д-р Чупоски во своето видео-обраќање.

Оваа година навршуваат точно шест децении од премиерата на филмот и неговиот одличен прием кај публиката. Со Љупка Џундева и Слободан Перовиќ во главните улоги, како Мира и Заре – чие посакувано и очекувано „мирно лето“ на охридското крајбрежје ќе се претвори во бучно дефиле на роднини, пријатели и патници-(не)намерници, актерскиот ансамбл го сочинуваат тогашните филмски и театарски ѕвезди Петре Прличко, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамески, Ацо Јовановски, Анче Џамбазова, Димитар Ќостаров, Панче Камшик, Стојка Цекова, Вукосава Донева и други.

Пред проекцијата на „Мирно лето“ за доловување на атмосферата од 60-тите години на минатиот век се погрижи Џон Илија Апелгрин со својот бенд кои имаа краток настап. „Еден бакнеж“, „Девојко љубов ми вети ти“ „Девојко мало“ беа дел од песните кои ги изведоа Апелгрин и неговиот џез-бенд. Инаку, Апелгрин e внук на Илија Џувалековски, кој се појавува во една од главните улоги во оваа комедија.

Оваа проекција е дел од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ , во кој учествува и Кинотеката, со двата класика „Фросина“ и „Мирно лето“ кои неодамна беа дигитално реставрирани во лабораторијата „Клик филмс“ во Загреб, Хрватска.

Целта на оваа иницијатива координирана од ACE (Европската асоцијација на кинотеки – Association des cinémathèques européennes) – и е поддржана од програмата MEDIA на Европската комисија – е да се доближи европското филмско наследство до публиката и младата популација да се запознае со она што за постарите генерации претставува „филмска класика“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.