Круме Стефановски, основач на театарот „Сенки и облаци“ кој осум години многу успешно го организира Интернационалниот детски фестивал за театар на сенки „Сонот на облачето“ реагира зошто Фестивалот оваа година не е поддржан од Министерството за култура.

Вчера министерката Ирена Стефоска ги презентираше резултатите од Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата во 2021 година.

Бидејќи слушнавме дека главен критериум за Министерство за култура оваа година биле квалитетот и континуитетот, не можам да разберам зошто решиле да го отфрлат нашиот фестивал, и да не го поддржат со ниту еден денар. Декларативно сите се многу загрижени за децата, за нивниот креативен развој, едукација, уметност. И не само нашиот, гледам дека оваа година ниту еден детски театарски фестивал во Македонија не добил ниту денар, вели Стефановски.

 

Круме Стефановски, основач на театарот „Сенки и облаци“

Театарот „Сенки и Облаци“ е целосно посветен на театарот и играта со сенки. Идејата е да се создаде мобилна и независна театарска платформа која преку еден стар медиум ке истражи начини на изразување и ќе допре до народот надвор од театарската сала. Репертоарот содржи претстави со различни теми како ново создадени така и адаптации на стари македонски. Овој театар не престанува во својата потрага по нови начини на изразување, алатки, звуци и сенки.

Зарем на овој начин се грижиме за децата, зарем во оваа тешка година кога на сите ни треба поддршка и стимул да продолжиме понатаму, некој решил да ни ги земе трошките за преживување? Ние ќе најдеме начин да преживееме, ќе продолжиме да го правиме тоа што најдобро знаеме и ќе дадеме повеќе од својот максимум за да опстанеме. Се надевам дека истото ќе го направат и другите обесправени уметници, до некои подобри времиња, вели Стефановски.

Оваа година треба да се одржи деветтото издание на Фестивалот „Сонот на облачето“. Тој е единствен меѓународен детски театарски фестивал на сенки во поширокиот регион и еден од малкуте во Европа.

Нашиот театар Сенки и облаци / Shadows and Clouds постои од 2008-ма година, а Интернационалниот детски фестивал за театар на сенки Сонот на Облачето / Little Cloud’s Dream чии организатори сме, оваа година треба да го одржи своето 9-то издание. Во своите години на постоење, до сега сме биле домаќини на театри од многу страни на светот како Грузија, САД, Турција, Русија, Бразил, Шпанија, Германија, Србија, Франција, Грција… Фестивалот го посетиле повеќе од 5000 деца и родители и уживале во магијата на сенките. Повеќе од 500 деца биле дел од работилниците на фестивалот и секогаш си оделе со убави искуства, среќни и возбудени од новите нешта кои ги доживеале и научиле. Секогаш сме се труделе да бидеме добри домаќини, како за гостите од страна, така и за нашата публика. Сме го давале својот максимум како во креативна, така и во материјална смисла за овој фестивал да опстои. Па ова е единствениот меѓународен детски театарски фестивал на сенки во поширокиот регион и еден од малкуте во Европа, објаснува Стефановски.

Она што е за истакнување е ентузијазмот, но и посветеноста на екипата на „Сенки и облаци“ кои првиот Театар на сенки „Сенки и облаци“ го основаа без финансиска помош од државни институции и без странски или домашни фондови.

Сенките се необични и интересни за сите, не само за децата, туку и за возрасните. Фестивалот е за деца, меѓутоа редовно и родителите се наши посетители. Сенката е секаде околу нас. Таа има магиска вредност, магиско значење, така што играта со сенки е предизвик на сите нас. Нашата цел е да ги испровоцираме децата и да ја разбудиме нивната имагинација, да направиме нешто што не е секојдневно, а не е скапо. Не треба да се оди во големите трговски центри, да се купуваат скапи играчки, кои, секако, нема да ги задоволат децата ни една недела, туку да се најде начин со нешто што е исконско и што го носиме, со сосема мали средства, со многу желба и имагинација да се направи една игра дома, која може да трае до бесконечност, вели Стефановски.

Здраво,

Нашиот театар Сенки и облаци / Shadows and Clouds постои од 2008-ма година, а Интернационалниот детски…

Posted by Krume Stefanovski on Thursday, 25 February 2021



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.