„Осумдесетгодишнината од првиот истрел за слобода е чин за длабока почит и длабок поклон. Отпор достоен за незаборав. Ова е најмалку што Министерството за култура може да го направи во спомен на оние што со пушка ја создаваа, а потоа и ја одржаа националната култура жива, а со тоа, и сите нас нè одржаа во живот“, рече министерката за култура, Ирена Стефоска, на настанот со наслов „80 години од првиот истрел – култура и уметност = непокор“.

На настанот, кој се одржа синоќа во дворот на Министерството за култура, министерката за култура Стефоска, пожелувајќи им добредојде на дел од наследниците на, како што рече, големите луѓе, антифашисти, рече дека тие знаеле колку се важни непокорот и слободата во битката и во закрепнувањето на татковината, а јубилеите како овој служат „да нè потсетат дека историјата се учи за да не се заборави, за никогаш да не се повтори“.

Длабок поклон и почит кон сите поети, писатели, сликари, глумци, музичари… Кон сите уметници што се приклучија во Народноослободителната и антифашистичка борба и ги запишаа, секој низ својот потпис, и болката и бесот и радоста и величественоста на партизанската одисеја. Зборот е истрел, но и истрелот е збор, рече Стефоска.

Таа ги поздрави и присутните актери од неповторливиот и поучен македонски филм „Истрел“ – филм инспириран од вистински настани за време на бугарската фашистичка окупација. На оние што, пак, од оправдани причини, не можеа да дојдат, им пожела добро здравје и долг живот, зашто, како што рече, „тие ни се потребни, тие се нашите сведоци, нашите учители“.
Стефоска потсети дека во минатото цивилизации пропаѓале, држави се распаѓале, територии се грабале, народи се асимилирале, но никој не успеал да ја уништи културата затоа што во културата беше силата на оние што се осмелија да му речат НЕ на злото, да му речат НЕ на окупаторот, кој првин посегнува по територијата, а потоа по културата, по нашиот идентитет.

Долга е историјата на македонската борба за слобода. Од Т’га за југ, преку Тешкото, од Белите мугри до Волчјата ноќ, Очи, Црнила, А бре Македонче, Пиреј, Диво месо…. чиниш, сета наша историја е во овие наслови. Македонската култура е многу поголема од нашата држава и од траењето на нашите животи, порача Стефоска.

На настанот „80 години од првиот истрел – култура и уметност = непокор“, пијанистот Бобан Мирковски ја изведе композицијата „Свита за пијано“ од еден од најистакнатите претставници на македонската современа музика од минатиот век, Томислав Зографски.

Студентите од Факултетот за драмски уметности, од класата на професорката Зоја Бузалковска, изведоа минипретстава со извадоци од Манифестот на АСНОМ, преведени на повеќе јазици, а публиката ја потсетија и на малку подзаборавената песна отпеана од големите Сенка Велетанлиќ и Зафир Хаџиманов, песната за Стив Наумов.

Писателката и професорка Калина Малеска – внука на истакнатиот македонски писател, општествено-политички работник, издавач и револуционер, автор на сценариото на првиот македонски филм „Фросина“, автор на текстот на македонската химна, Владо Малески – раскажа помалку познати факти за тоа како и каде настанала песната „Денес над Македонија“.

Архитектот Бујар Муча – син на еден од најмладите учесници во НОБ, Феми Муча – сподели сеќавања за својот татко чие детство било прекинато со војната, а тој од 13 години продолжил во Револуцијата.

Финале на настанот беше аудиовизуелното дело „80 години од првиот истрел – кутура и уметност = непокор“. Делото ги опишува борбата и ослободувањето од фашизмот на нашата држава, мрачните времиња, но и желбата за слобода. Претставен е и културниот напредок како темел во борбата за ослободување и градење на современата македонска култура. Делото е продуцирано со 3Д-мапирање. Режисер и автор е професор Милчо Узунов, а во видеопродукција на „3Д Проект студио“ од Скопје. Делото е составено од повеќе компонирани музички нумери диференцирани во два дела, а нивен автор е реномираниот македонски композитор Кокан Димушевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.