Управниот суд ја поништил одлуката на Министерство за култура за избор на директор на НУЦК „Антон Панов“. Судот ја уважил тужбата на двете одбиени кандидатки, Јасмина Пијанманова и Оливера Аризанова Мансбарт и според образложението на пресудата, тужбата е основана, а тужениот, Министерството за култура, донело неправилна и незаконита одлука.

Одлуката на Управниот суд е донесена на 8 минатиот месец, а ја објави Иницијативата „Култура или Фискултура“, во која членуваат актери од струмичкиот театар, кои во изминатите осум месеци организираа повеќе протести во Струмица и Скопје и предупредуваа на незаконитоста на постапката за избор на директор.

Според Јасмина Мазгалиева, една од кандидатките која конкурураше за конкурсот на Министерството за култура за избор на директор, со пресудата се утврдило прекршување на постапката.

Правдата е бавна, но доаѓа. Во иднина ги охрабрувам сите кои сметат дека правото е на нивна страна во вакви и било какви други постапки да се охрабрат и да постапуват, бидејќи само на ваков начин можеме да се бориме против „намерните“ или „ненамерните“ грешки донесени од страна на надлежните институции – изјави Мазгалиева за МИА.

Според одлуката на судот, Министерството за култура треба да ја повтори постапката за избор на директор на НУЦК „Антон Панов“, каде на таа позиција беше избран Васил Бубев на 26 јануари оваа година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.