Конзервацијата и реставрацијата на Алипашината џамија во чаршијата во срцето на Охрид покажа пластично зошто Охрид и регионот се под закана да бидат ставени на листата на УНЕСКО како загрозени културни и природни реткости.

Тој пример е прототип на се она што му се случува на градот последните три денцении. Институциите задолжени за спроведување на законите и за контрола на начинот на кој се гради во градот во најмала рака премолчуваат при среќавање со дивоградби. Тука премолчувањето е најмалиот грев, како најниска категорија недозволени активности, споредбено со поголемиот грев кога други институции „шуруваат“ со оние што градат на диво, давајќи им одредени дозволи, но никогаш целосна документација, на тој начин обидувајќи се да се покријат со некакви изговори дека се е според законите.

Како пример, одредена институција дава одобрение за некаква градежна интервенција, но не дава дозвола за градење, што треба да ја даде друг субјект. Трета институција задолжена за постапување при неправилности премолчува или во крајна линија не може да најде решение за да урива затоа што и двете институции што претходно се изјасниле по оспоруваниот објект се донакаде во право. Кога тука ќе се вмеша и политиката тука спас нема, освен да се решаваат проблемите откако ќе е веќе предоцна, преку разговор што би се рекло и со договор на сите страни.

Таков е случајот и со Алипашината џамија, проект што доби уредна дозвола за конзервација и реставрација, но не и за градење. Додека институциите се пренемагаа по медиумите и пред јавноста дали и за што се надлежни, која од нив треба да постапува, што да се прави, минарето секојдневно одеше се поблиску до Алах. Испадна според „јавната тајна“ оти е испазарено минарето да не се доградува до најавените 32 метри ниту да се урива, туку да се изгради до 25 метри височина. Така и најверојатно ќе биде оттаму што веќе на него се поставува горната купола.

За потпокривите во Стариот дел на Охрид веќе е излишно да се зборува затоа што со години наназад никој не реагираше додека секојдневно се менуваше препознатливата Стара градска архитектура.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.