В петок, на први ноември во салата на Филхармонија во 20,30 часот е закажана македонската премиера на филмот „Врба“ на наградуваниот и светски познат режисер Милчо Манчевски. Ова е шести филм на Манчевски, кој со филмот „Пред дождот“ го освои „Златниот лав“ во Венеција во 1994 година.

Паралелно со премиерата во Филхармонија од 20.30 часот, во исто време премиери ќе има и во скопските кина „Милениум“ и „Синеплекс“, како и во Битола, Охрид и Штип, со што ќе почне и редовното киноприкажување на филмот. Од 4 ноември и во Прилеп, а се организира и за другите градови во земјава.

Светската премиера „Врба“ беше на 19 октомври на Филмскиот фестивал во Рим.

Режисерот Милчо Манчевски и дел од екипата на филмот се задоволни од реакциите на публиката и критиката во Рим, каде што беше прикажан во официјалната селекција, заедно со новите остварувања на холивудски ѕвезди.

Манчевски најави дека филмот има две верзии, машка и женска, но не откри која верзија каде ќе биде прикажана.

Женската верзија на филмот е подолга за 15 минути од машката. Но, крајот е ист, среќен. Машката верзија е динамична, а женската подлабока) верзија. Во суштина, 95 отсто се исти. Двете функционираат на свој особен начин, иако не се разликуваат многу. Сепак, „Врба“ не е женски филм, ова е филм за луѓе, рече Манчевски.

„Врба“ е македонско-унгарско-белгиска копродукција во која учествува и Албанија. Се снимаше лани два месеца (октомври и ноември) во Мариово, Преспа, Трескавец и во Скопје. Филм е а лојалност, љубов, доверба и мајчинство, кој спојува приказни за три млади мајки – едната се случува во 17 век, а другите две се современи. Приказните се надополнуваат, а во исто време се и контраст една на друга.

Јас ова веќе доволно долго го правам за да знам кога нешто што ќе направам е стварно добро и кога не е. Ова е од тие што се стварно добри. Сѐ во процесот убаво се налепи и самиот процес беше прекрасен, првпат во моето искуство по многу години, рече Манчевски на средбата со новинарите пред премиерата.

За впечатоците од светската премиера во Рим на прес-конференција зборуваа и младите актерки во филмот Наталија Теодосиева и Сара Климоска.

Добивме многу позитивни коментари за целиот филм, а и за нашиот актерски израз. Ова ќе биде моја водилка за понатаму, а искуството на настанот во Рим ќе биде голем предизвик и лекција за мојата актерска иднина. Имавме мали обврски, стресови и трема, но сите уживавме таму, на црвениот тепих, на премиерната проекција и заслужено блескавме, рече Теодосиева.

Климоска додаде дека присуството во Рим било возбудливо, но и голем притисок во исто време, поради силната конкуренција и високите критериуми на фестивалската публика.

Првите 15 секунди беше тишина, но за мене беа тоа 15 дена. Следуваше аплаузот и тогаш сфатив дека публиката е многу задоволна и бев горда на целата наша екипа. Кога заврши сето тоа, размислував за таа пауза и сфатив дека таа е најдрагоцена за мене зашто во таа длабока и тешка тишина публиката се соземаше од емоцијата што филмот ѝ ја даде, истакна Климоска.

Пред домашната публика очекуваат поголема трема зашто овде публиката, како што рекоа, ги познава и си има свои очекувања.

Немам некои големи очекувања и мислам дека е така подобро. Едноставно, сакам сѐ да тече и што ќе донесе времето, нека донесе. Отворена сум за критики и за нови предизвици, додаде Теодосиева.

Во филмот играат и младите Никола Ристовски и Ненад Нацев кои се нивни партнери во двете приказни (современата и средновековната). Покрај нив во актерската екипа се и: Петар Мирчевски, Камка Тоциновски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ.

Продуцентот Јане Ќортошев соопшти дека веќе има покани за фестивали кои не ги откри, во преговори се и со партнери за продажба кои ќе обезбедат дистрибуција и понатамошен живот на филмот.

фото: МИА



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.