Миланската Ла Скала досега изгуби 23 милиони евра како резултат на пандемијата од коронавирусот и се надева дека сезоната ќе ја започне во септември со „Реквием“ на Џузепе Верди, најави директорот Доминик Мејер (Dominique Meyer).
„Реквием“ на Верди се смета за едно од најмоќните и најдраматични дела во историјата на класичната музика.
Планиравме да го претставиме „Реквием“’ на Верди во повоената верзија на Тосканини, и ќе биде посветен на погодените семејства и жртвите, објасни директорот на Ла Скала, пренесе Танјуг.
Миланската Скала по „Реквием“ го најави изведувањето на Деветтата симфонија на Бетовен, која, како што вели директорот, е „порака на надеж“, а потоа, подоцна есента, и изведба на „Травијата“.
Инаку, Мејер пред неколку месеци дојде на чело на Ла Скала по водењето на Виенската опера. Новиот директор подготвил план за обнова на активностите и додава дека сезоната ќе започне само откако ќе се обезбедат услови персоналот и посетителите да бидат безбедни на здравствен план.
Треба да бидеме реални. Подготвивме програма во случај да може да биде изведена, бидејќи држење растојание е можно во мала продавница или ресторан, но тешко е во просторија со 2.000 посетители и 350 вработени, објасни Мејер.
Тој прецизираше дека Скала веќе изгубила 23 милиони евра поради откажување на речиси 150 планирани програми, но се надева дека ситуацијата ќе се подобри.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.