Македонскиот актер Мето Јовановски е годинашен добитник на наградата за особен придонес во филмската уметност, која ја доделува Меѓународниот филмски фестивал на дебитантски филмови „Киненова“.

Со проекцијата на филмот на српскиот режисер Стефан Арсенијевиќ „Бановиќ Стахиња“/As far I can walk на 27 октомври, во скопското кино „Милениум“ почнува 6. издание на Киненова кое ќе трае до 31 октомври.

Освен во „Милениум“, филмовите од програмата на Киненова ќе се прикажуваат во Кинотека на Македонија. Лани, поради пандемијата со ковид-19, филмовите од Фестивалот се емитуваа на ТВ24.

Оваа година „Киненова“ одлучи постхумно да додели и две награди за особен придонес во филмската уметност на актерите Сабина Ајрула Тозија и Љупчо Тодоровски-Упа.

Сабина Ајрула Тозија

Во чест на лауреатот на „Киненова“ ќе биде прикажан филмот „Тетовирање“ на Столе Попов.

За овој филм толку многу е зборувано, толку многу реплики се знаат и од помладите и од постарите, така што тоа како проект одживеало и се уште живее, присутен е и овде и во просторите на поранешна Југославија. Повеќе би сакал да зборувам за проект кој сега се создава, креативци луѓе кои работат нов филм, да не живееме на стара слава. Награди добивам и овде и на просторите на поранешна Југославија и не се случило да одбијам награда. Тоа е дел од нашата професија-признанија, награди, аплауз…да ве застануваат на улица. Тоа е сепак присутност во јавноста, рече Јовановски и забележа дака во странство има малку подобар однос кон луѓето кои се занимаваат со култура, не само актери, туку и уметници, музичари.

Јовановски говореше за почетоците во кариерата.

Други времиња беа кога јас почнав во седумдесеттите години, други времиња се сега. Не би рекол дека на Милчо Манчевски првиот филм „Пред дождот“ е дебитантски филм, но е еден од неговите први филмови и постогна голем резултат. Нештата немаат правила, честопати се случува во почеток, од многу причини, амбиција, креативност, страв да се успее, дали ќе се успее итн..се случува некои филмови на почетокот да се поуспешни од покасно. Нема правила, нашата работа е колективна, зависи од многу фактори, од сценарио, режисер, партнери, камери, расвета, монтажа…многу фактори се пресудни за на крајот да има добар резултат, но и условите, амбиентот во кој се работи, времето во кое живееме. Филмот е скапа играчка и денес потешко се доаѓа до сретства, рече Јовановски.

Јовановски се појавува во над 60-тина филмски и телевизиски наслови. Неговите незаборавни улоги се во филмовите – „Најдолгиот пат“, „Македонскиот дел од пеколот“, „Црвениот коњ“, „Пред дождот“, „Тетовирање“, „Време води“, „Пресуда“, „Оловната бригада“.

За своите театарски, филмски и телевизиски актерски остварувања ги има добиено највисоките државни награди „Свети Климент Охридски“, „11 Октомври“ и „13 Ноември“, но и Златна маска на МЕСС во Сараево, неколку Grand Prix во Ниш за најдобар актер во филмовите Црвениот коњ. Среќна Нова, и Тетовирање, но и триесеттина други награди како во земјава, така и низ сцените во поранешна Југославија. Во 2010 година беше овенчан со наградата „Петре Прличко“.

Театарот е основа. Но, филмот е една магија која не се дава така лесно. Тетарот за мене е основа. Тоа за мене е вистинската работа за еден актер. Филмот е во рацете на режисерот, а театарот нема други фактори. Во филм може да се случи некој од улица или дете да биде подобар од актерот, но во театарот не е така. Театарот го сакам од секојпат, премногу го сакам, актерите му го посветуваат животот на тетатрот и сум имал можност да одиграм значајни улоги во театар и кај нас и во Сараево, Сплит, Црногорско народно позориште…, рече Јовановски.

Оваа година МФФ „Киненова“ првпат постхумно доделува награди за особен придонес во филмската уметност.

Љупчо Тодоровски Упа

Љупчо Тодоровски беше значаен дел од Фестивалот, беше еден од неговите основачи и во таа чест се востановува наградата која ќе го носи неговото име и ќе се доделува за најдобро актерско остварување во главната натпреварувачка програма, соопшти директорот на фестивалот, Небојша Јовановиќ.

Програмскиот директор на фестивалот „Кинеова“, Игор Анѓелков денеска на прес-конференцијата истакна дека оваа година изданието го посветуваат токму на македонските великани.

Практика на претходните изданија на „Киенова“ беше да главните лауреати за особен придонес во филмската уметност ги ловиме од овие балкански простори, но секако разговарајќи во рамките на фестивалот дека сепак и ние имаме имиња со кои може да се пофалиме, решивме од оваа година да отвориме еден простор и со тенденција тоа да биде практика и понатаму, дел од лауреатите на „Киненова“ да бидат и македонски заслужни имиња кои направија многу, не само во македонската, туку и во балканската и европската кинематографија, рече Анѓелков.

Јовановиќ рече дека имаат уште две натпреварувачк програми, и тоа меѓународната програма на кратки филмови и натпревувачка програма на македонски кратки филмови за која ке одлучуваат две жирија.

Фестивалот оваа година повторно се враќа во кино, поточно од 27 до 31 месецов, во кино Милениум и Кинотека. Во ноември продолжува хибридната програма, односно дел од програмата ќе се прикажува и на телевизијата 24.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.