Mартовската програма Кинотеката на Македонија ја започнува со „Копање“ на Ивица Димитријевиќ и Мартин Иванов, филм снимен во независна продукција, а месецот е посветен на европскиот филм, но и на многу други филмски содржини.

Неодамна почина Бруно Ганц, легендарниот актер со швајцарска адреса. Ганц е веројатно најслав(е)ниот актер од германското говорно подрачје на денешнината, но и и целиот свет беше негов актерски дом. Беше и ангел (НЕБОТО НАД БЕРЛИН на Вим Вендерс) и Хитлер (ПАД на Оливер Хиршбигел), а во киносалата на Кинотеката на Македонија ќе може да се види во македонската копродукција СВЕДОК на Митко Панов и во КУЌАТА ШТО ЈА ИЗГРАДИ ЏЕК на контроверзниот Ларс фон Трир.

Во март, Кинотека на Македонија ќе ги разбуди сеќавањата на еден бисер на македонската кинематографија. Се работи за режисерот Кирил Ценевски и неговиот опус од 4 играни долгометражни филмови, кои Кинотеката на Македонија дигитално ги реставрираше и ги издаде како комплет на ДВД. Секако, ќе имате прилика да ги видите ЦРНО СЕМЕ, ЈАД, ОЛОВНА БРИГАДА и ЈАЗОЛ и на големото платно во киносалата.

Ќе може да се види уште еден нов македонски филм во независна продукција. Васил Христов-Вуси и неговите актери пред една деценија го снимија ЕЈ, но заради контроверзноста на темата – исчезнувањето на премиерот со антички „корени“– филмот беше довршен дури минатата година.

Од домашната продукција ја издвојуваме и премиерата на проектот на кинематограферот и професор Роберт Јанкуловски, МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ, документарен филм за Јанаки и Милтон Манаки, а ве покануваме и на отворањето на изложба на реставрирани фотографии од опусот на Браќата Манаки. Тука е и ТЕАТАРОТ СКУПИ, научно-образовен филм во режија на Владимир Блажевски: филмот не ги открива само тајните на амфитеатарот од римскиот период, туку тој нѐ воведува во археологијата како наука, а и во конзерваторството како занает.

Не ја занемаруваме ниту стручната публицистика, па во март ќе го промовираме и изданието на Кинотеката на Македонија, МУЗИКАТА ВО МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ: ОД „ФРОСИНА“ ДО „ЛАЗАР“ на универзитетскиот професор Александар Трајковски.

Март како Месец на европскиот филм ќе ви ги претстави и новите филмови на исклучителниот ирански синеаст Асгар Фархади што го покори светот (СИТЕ ЗНААТ, продукција на шпански јазик, со ѕвездите Пенелопе Круз и Хавиер Бардем), потоа Матео Гароне (КУЧКАР), Карла Симон (ЛЕТО 93), Џеси Перец (ЏУЛИЕТ, ИСКРЕНО, екранизација на новиот роман на популарниот британски писател Ник Хорнби), како и неколку наслови од германска продукција: ПОМОШ, ГИ СМАЛИВ РОДИТЕЛИТЕ на Тим Трагесер, ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО ГЕРМАНИЈА на Симон Верховен и ШТО ОСТАНУВА на Ханс-Кристијан Шмид.

Месецот на европски филм ќе ви претстави и два интересни наслови во романска продукција: долгометражниот анимиран филм МЕРСИ СТРИТ на Александру Бузеа, Стефан Бузеа и МИЛЕНИЧИЊА на Адријан Ситару.

Традиционално перцепиран како „женски“ месец, март ќе ви ги претстави и Вечерите на женски права со два извонредни документарци – ТАА ЗАПОЧНА на Нора Поги и Инсија Саед, и КОД – ОТСТРАНУВАЊЕ НА РОДОВИОТ ЈАЗ на Робин Хаузер Рејнолдс. Авторите на двата документарци се фокусираат на жените и девојките во светот на информатичкитетехнологии.

Програмата ЕУРОПА ПАНОРАМА: ДЕНОВИ НА НОРДИСКИ ФИЛМ  во три вечери ќе ви претстави десетина краткометражни дела на автори од Северна Европа, а пролетно загревање на фестивалот СКОПЈЕ СИНЕМА СИТИ ви нуди 4 музички документарци, портрети на некои од најзначајните имиња во светот на музиката.

Март нуди уште неколку одлични филмови, а месецот го завршуваме со Фестивалот на современиот грчки филм во организација на КИНЕНОВА. Со овој фестивал го започнуваме и следниот месец – април, информираат од Кинотека на Македонија.

Целата програма може да ја погледнете тука.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.