НУЦК „Трајко Прокопиев“ и годинава го организира меѓународниот фестивал „Денови на комедија“, кој ќе почне на 27 септември.

Публиката ќе има можност да проследи комедии од театри од државата и земјите од регионот. Фестивалот во понеделникот ќе го отвори Драмски театар Скопје со претставата „Партија реми“. На првата фестивалска вечер ќе биде доделена и наградата „Васил Иљоски“ на актерката Стојна Костовска.

Целосно сме подготвени, запазени се сите епидемиолошки мерки во салата како што налагаат моменталните здравствени протоколи и сигурни сме и се надеваме дека и оваа година ќе имаме успешен фестивал. Тоа го докажавме и минатата година дека можеме да организираме фестивал и во вакви околности. Сега капацитетот на салата е триесет проценти исполнетост од местата – изјави, директорот на установата, Сашо Тодоровски.

Поради пандемијата и протоколите, театарот од Бугарија го откажал гостувањето, a поради здравствени причини на дел од актерите, неизвесно е и учеството на кумановскиот театар, кој традиционално го затвора фестивалот.

Од 670 места во салата, во продажба ќе бидат пуштени во продажба околу 200 билети, а цената ќе биде 150 денари. Продажбата за првите три претстави ќе почне в понеделник, а дополнително ќе бидат пуштени билетите за останатите претстави. Тодоровски нагласи дека поради епидемиолошката состојба можно е да има измени.

Свесни сме дека живееме во време на пандемија, но се бориме, целата институција застанува зад фестивалот и макотрпно работи овој фестивал да се претстави во најдобро можно светло –  вели актерката Владанка Димковска.

И годинава фестивалот доби поддршка Министерството за култура од чиј буџет се издвоени 700.000 денари и 300.000 денари од буџетот на Општина Куманово.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.