Концептот на креативно културно претприемништво е во фокус на Меѓународниот форум за креативно културно претприемништво што се одржува денеска и утре во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии УМПАКИ. Форумот претставува настан во два дена во кои ќе се промовира креативното претприемништво, ќе се едуцираат учесниците за креативното претприемништво преку интерактивни работилници и ќе се вмрежуваат учесниците со можност за идни партнерства.
Поради околностите предизвикани од вирусот ковид-19, настанот ќе се одржува комбинирано со физичко и виртуелно присуство преку интернет со снимање со камери и стриминг во живо.
Дводневната програма ја сочинуваат две форум дискусии, работилница, една сесија на брзи состаноци (“Speed dating“) и две сесии во кои ќе се споделат успешни и добри практики на креативно претприемништво од земјава.
Денеска во хотел „Солун“ во Скопје ќе се одржи дискусија на тема креативните индустрии во време на ковид-19 и важноста на културното креативно претприемништво за земјите од Западен Балкан. Учество на дискусијата ќе земат Нада Пешева, Министерство за култура, Маја Тасева, Агенција за претприемништво, Македонка Димитрова, професорка на лондонскиот Метрополитен колеџ во Скопје, Фрик Јанмат, делегација на ЕУ во Скопје и Николина Стојанова, Центар за развој на претприемачи и менаџери – ЦЕЕД. Настанот ќе се пренесува во живо преку веб-страницата на Форумот, како и на страницата на „Фејсбук“.
Веднаш потоа ќе следува дискусија на тема Европските практики и предизвици во креативните индустрии и културно креативното претприемништво на која преку онлајн платформата ќе говорат повеќе странски гости – претставници од партнерската организација КЕА од Брисел за промоција на креативното културно претприемништво и креативната индустрија, но и релевантни експерти кои имаат искуство и продлабочени знаења на темата креативно претприемништво од повеќе земји од соседството и од Европа.
Потоа следува претставување на успешни практики во креативните индустрии од млади претприемачи од земјава. Комбинирано со физичко и онлајн присуство на првиот ден ќе се претстават Ивица Димитријевиќ и Јасмина Василева – проект „Хорот“ (Chorus), Ирина Тошева, модна дизајнерка, Стефан Митров, M3DS Академија за 3Д и гејм дизајн, Марија Димовска, Стартап Македонија, Маја Раванска, проект „Лице в Лице“ и Саша Станишиќ, платформа Cinesquare.
Работилницата на КЕА закажана за вториот ден (1 декември) од 11 часот ќе се фокусира на одржување на креативниот екосистем низ Европа, како и пристап до финансии и креативни бизниси – како да се артикулираат различни извори на финансирање и како да се мешаат јавно и приватно финансирање. Вториот ден од 12.15 часот следува уште една сесија на успешни практики на која ќе се претстават Наум Михајловски, студио Furious Avocado (игра Tie Dye) и Ника Гавровска, издавачка куќа „Гаврош“ и кафе-книжарница.
Преку форумот очекуваме дека ќе се зголеми интересот кај креаторите на политики и останатите клучни засегнати страни за вложување поголеми ресурси и инвестирање во политики и фондови кои би ги поттикнале младите лица кои делуваат во областа на културата и креативните индустрии да ги поврзуваат своите ресурси и таленти, а со тоа и директно ќе го применат моделот на креативно претприемништво. Ова ќе влијае директно и во корист на државата при креирање и хармонизација на националните стратегии и акциски планови во насока на културата и економијата.
Форумот се реализира со поддршка од Министерството за култура на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.