Во Пекинг, Кина, на 11 мај, во организација на Кинеската меѓународна издавачка групација (ЦИПГ), ќе се одржи меѓународен е-семинар, на кој освен менаџери на групацијата и на кинески издавачи, ќе учествуваат и менаџери на издавачки куќи од десетина земји со кои соработуваат кинеските издавачи.

На семинарот ќе учествува и Нове Цветаноски, директор на Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“. Поради новата ситуација во светот, семинарот ќе се одржи комбинирано – конференциски за учесниците од Кина, а преку интернет комуникација ќе учествуваат издавачи од Шпанија, Германија, Јужна Кореја, САД, Индонезија, Индија, Турција и Македонија.

Главната тема на семинарот е влијанието на епидемијата, промените во кинеската и во странската издавачка индустрија, контрамерките и начините за зајакнување на меѓународната соработка.

Преку интернет-дискусијата ќе се разговара на неколку панел-сесии: влијанието на пандемијата врз меѓународната издавачка продукција, како и врз формите и содржините за читање на читателите; приспособување на издавачката индустрија на променливата состојба на епидемијата и за можностите за натамошен развој, соработка и комуникација во издавачката индустрија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.