МЕДИА Дескот Македонија информира дека филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ во режија на Теона Стругар Митевска е првиот македонски филм поддржан од МЕДИА и Агенцијата за Филм на Република Македонија кој е селектиран во главната конкуренција (Competition) на Берлинскиот филмски фестивал. Продуцент на филмот е компанијата „Сестри и браќа Митевски“ која во 2017-та година доби МЕДИА поддршка од 30 000 евра на повикот за „Развој на проект“ (Support for Development of Audiovisual Content – Single Project). На овој повик може да аплицираат продукциски компании за развој на долгометражни играни, анимирани или документарни филмови и серии. „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ е копродукција со „Entre Chien et Loup“ од Белгија, „Vertigo“ од Словенија, „Deuxiéme Ligne Films“ од Франција и „Spiritus Movens“ од Хрватска.
Светската премиера на филмот ќе биде на Берлинале 2019 на 10-ти февруари, а од 26-ти април ќе започне кино дистрибуција на филмот во Франција преку агентот за продажба „Пирамид“.

Македонскиот актер Благој Веселинов е избран на програмата EUROPEAN SHOOTING STARS која ќе биде дел од  овогодишниот Берлински филмски фестивал. Оваа иницијатива е дел од европската мрежа European film Promotion која е поддржана од Креативна Европа МЕДИА на повикот заПристап до маркети (Access Markets). Веселинов е селектиран како дел од десетте најдобри млади европски актери кои ќе бидат претставени како ѕвезди во подем.

Годинава и на програмата Berlinale Talents-поддржана од МЕДИА, ќе учествува македонската актерка Сара Климоска заедно со 250 млади таленти од целиот свет.

Креативна Европа МЕДИА на 11-ти февруари го организира „Европскиот филмски форум“ на Берлинале 2019 од 14:00-17:00 часот (The Ritz Carlton,Potsdamer Platz, Berlin). „Европскиот филмски фоурм“ е платформа наменета за дијалог помеѓу професионалците во филмската индустрија. Овогодишната тема е „Превод и синхронизација: користење на технологијата за поголема мобилност на европскиот филм“. Детална агенда може да погледнете тука. 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.