Филмот „Медена земја“ и кинематографите Самир Љума и Фејми Даут ја добија наградата за најдобра кинематографија на Меѓународните документарни награди, кои синоќа се одржаа во Лос Анџелес.
Документарецот на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов ја доби и наградата „Паре Лоренц“ која фестивалот ја доделува за „давање пример за филмско снимање, со истовремено фокусирање на соодветната употреба на животната средина, правда за сите и откривањето на социјалните проблеми“. „Медена земја“ беше номиниран уште во две други категории, за најдобар филм, каде победи сирискиот „За Сама“, како и во категоријата за најдобра режија, каде триумфираше режисерското дуо Стивен Богнар и Џулија Рајхерт од филмот „Американска фабрика“.
Наградите на Меѓународната асоцијација за документарни филмови се најпрестижниот светски настан посветен на документарниот филмски жанр. Како што информираа од Асоцијацијата, оваа година имало вкупно 785 пријавени филмови, а рекордни 40 проценти од пријавените филмови биле неамериканска продукција или копродукција.
„Медена земја“ e македонски кандидат за Оскар во категоријата за најдобар странски филм. Номинациите за оскарите ќе бидат објавени на 13 јануари, а доделувањето на наградите е на 9 февруари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.