Филмот „ Медена земја“, на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, ја освои наградата за најдобар странски филм, во натпреварувачката програма на DOCAVIV, Меѓународен фестивал на документарен филм, кој од 23 мај до 1 јуни се одржува во Тел Авив, Израел. Во одлуката на жирито стои дека тоа едногласно одлучило да награди филм кој прикажува заедница, која живее на маргините на општеството.

Благодарение на сугестивната нарација и кинематографија, филмот оди многу подалеку од социјален документ и станува фасцинантен портрет на една извонредна жена. Жирито беше поттикнато од интимната медитација за кршливоста на човечкото постоење , во неговата длабока врска со природата, се вели во одлуката на жирито.

Од животот на главниот лик во филмот, Хатиџе Муратова која веројатно е последната пчеларка во Европа која се уште го извлекува медот од природни колонии и се труди да не го наруши природниот баланс со човечката ненаситност, бидејќи ако еден го скрши правилото сите ја плаќаат цената, умешноста на фимската екипа успева на визуелно раскошен начин да ја покаже нејзината магична виталност и бескраен отимизам во секојдневните борби со предизвиците кои произлегуваат од „надворешниот” свет.

DOCAVIV, годинава се одржа по 21 пат, а документарецот „ Медена земја“, до сега освои повеќе награди, меѓу кои, четири во три категории на престижниот „Санденс“, во Јута, САД, во почетокот на годината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.