Филмовите „Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Митевска и документарниот филм „Медена земја“ на Љубо Стефанов и Тамара Котевска влегоа во трката за значајната награда „Лукс“ на 54. издание на филмскиот фестивал во Карлови Вари. Во селекцијата од десет филмови на оваа програма што ја прави Европскиот парламент, Македонија е единствена земја селектирана со не еден, туку два филма.

Европскиот парламент, кој во континуитет ја поддржува европската кинематографија, десетте селектирани филмови за наградата „Лукс“ ги објави вчера, а истата ја соопштија Хелга Трупел, потпретседател на Комитетот за култура и образование на ЕП, Мартина Длабајова, потпретседател на Комитетот за буџетска контрола, и Дорис Пак, координатор на наградата „Лукс“.

За потесниот избор на десетте филма дебатирале 21 европски филмски професионалци кои внимателно за оваа година во финалната селекција вклучија четири филма на женски режисерки, два документарни филма и значајно присуство на мали земји како Македонија, од која зедоа дури два филма. Половина од селектираните филмови се европски копродукции.

Според пропозициите, од десетте филмови три ќе бидат избрани како конкуренти за наградата „Лукс“ и таа ќе биде врачена на 27 ноември во Стразбур.

Со успехот на филмот „Господ постои, името и е Петрунија“, кој имаше премиера во официјалната програма на Филмскиот фестивал во Берлин, и повеќекратниот победник на фестивалот „Санденс“, филмот “Медена земја“, овие два филма незапирливо го продолжуваат успехот. Филмовите се поддржани од Агенцијата за филм.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.