В очи на точно 100-те години од раѓањето на Блаже Конески, издавачката куќа „Матица македонска“ организира заедничко чествување и наздравување со книги од Конески и најнови изданија посветени на Конески и инспирирани од Конески, и тоа:
„РАЗГОВОРИ СО КОНЕСКИ“ од Цане Андреевски
„СВЕТСКАТА КРИТИКА ЗА ДЕЛОТО НА КОНЕСКИ“,
приредена од Раде Силјан и Паскал Гилевски
„ВРЕМЕТО НА КОНЕСКИ“ од Димитар Пандев
„КОНЕСКИ КАКО ТЕСТАМЕНТ“ од Весна Мојсова-Чепишевска
„ЕПОХАТА КОНЕСКИ“ од Георги Старделов
Матица во годината на својот јубилеј (30 години од своето постоење), на 18 декември (сабота) точно напладне, во 12 часот посакува да се случи средба на која место со чаша вино, ќе се наздрави со книга и на тој начин ќе се направи еден вид омаж за големиот татко на македонската научно-критичка мисла, но и за „патријархот на македонското писмо“ како што го нарекува познатиот грчки поет Костас Валетас во книгата „Светската критика за делото на Конески“. Преку заедничкото претставување на нејзините книги од самиот Конески и на книгите поттикнати од творештвото на Конески, Матица посакува, како што пишува и Мојсова-Чепишевска во својата книга „Конески како тестамент“ да го растајни всушност завештанието на човекот, филолог, професор и поет, кој преку своето дело го запозна светот не само со македонскиот јазик, туку и со македонското богато фолклорно, културно и книжевно-историско наследство. Претставувајќи го, од една страна како врвен лингвист со енциклопедиско знаење, а од друга страна како продолжувач на вековната Кирило-Методиевска и Климентова традиција, овие книги се за сите оние читатели со префинет вкус, зашто го исчитуваат завештанието на Конески, не само како поттик што ја прави уште подостоинствена нашата национална егзистенција, туку и како трајна инспирација за идните поколенија книжевници и лингвисти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.