Шакухачи, древната флејта од бамбус која е воведена во Јапонија во 7 век, а врвот на својата популарност ја постигнува во периодот на Едо (17- 18 век) ќе може да се слушне и во Македонија. Имено, на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на 19 февруари од 14 часот ќе се одржи мастерклас со наградуваниот виртуоз за јапонска шакухачи флејта, Јосуке Ирие.

Шакухачи флејтата се употребувала од монасите на зен будизмот, кои ја вметнале во медитацијата, а се користи и во современата музика во изведбите на Duran Duran, Dire Straits, Vangelis, Sade, Enya, Linkin Park, Marshall Jefferson, LTJ Bukem, Juno Reaktor, Future Sound of London и многу други. Затоа што секое парче бамбус е уникатно, масовното производство на шакухачи е невозможно и занаетчиите минуваат многу време за да го пронајдат парчето со потребната форма и должина. Кога ќе го најдат, бамбусот се чува цела декада во контролирана средина пред да почне да се оформува во флејта за што е потребно уште една година, стои во најавата за настанот, кој е во организација на Амбасадата на Јапонија и ФМУ.

Инаку, Јосуке Ирие, кој музицира на овој традиционален јапонски инструмент од бамбус, што се користи во Јапонија веќе 1.300 години, припаѓа на познатата школа Тозано на шакухачи и има концерти во над 40 земји низ целиот свет.

Името на инструментот потекнува од зборот „шаку“ што значи „нога“ на јапонски и зборот „хачи“ што значи – осум. 1,8 јапонски нозе или 54,5 сантиметри е стандардна должина на флејтата, верзија која првпат се појавила во Јапонија. За музицирање на овој инструмент се користат специјални техники на дишење и движења на главата. Звукот на шакухачи флејтата произведува единствена хармонија на мелодијата и суптилни вибрации.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.