Театарот за деца и младинци (ТДМ) треба да добие нова зграда и нова, поголема сцена на која ќе ги игра претставите, но од најавата засега нема ништо. Катерина Илиевска Силјановска, директорката на ТДМ изјави дека од Министерството за култура добиле задача сами да побараат простор на кој би се градел објектот на ТДМ и таа планира во скоро време да има повеќе средби со цел да го најде просторот каде што би се градел новиот објект на Театарот.

Мартин Јордановски, актер во ТДМ кого публиката го препознава во ликовите на Могли, Капетан Кук, Мачорот во чизми, Страшилото, Данил Хармс и многу други е револтиран што и покрај многу најави и ветувања дека ќе се реши проблемот со просторот и со сцената на ТДМ, прашањето е се уште отворено.

Не ми е јасно како може да лажат бескрупулозно и да се надеваат дека нивните лаги ќе поминат. Не ми е јасно до кога ќе трае тоа и до кога мислат дека нивните лаги ќе поминуваат? Покрај сите тие работи имаме прекрасна претстава која што сум убеден дека децата ќе ја обожаваат. Затоа што за мене е различна од сите претстави до сега тука во ТДМ. Различна е по стилот на самата претстава и по стилот на играта на актерите во претставата, изјави Јордановски на прес-конфренцијата по повод премиерата на „Том Соер“.

Според Јордановски, во „Том Соер“ може да се види тоа што најчесто децата не можат да го направат, а многу би сакале да го прават.

Односно, да ескивираат некои работи, дали да поддржат некои работи дали самите да донесат одлуку. Бидејќи најчесто возрасните се тие што ги носат одлуките во име на децата мислејќи дека се попаметни и дека така е поточно, односно правилно. А јас, не сум баш убеден во тоа и сметам обратно, дека одлуките на децата се тие кои што треба да го движат ова општество напред, вели Јордановски, кој освен на матичната сцена, редовно соработува и со алтернативната театарска сцена.

Јордановски има преку 30 детски концерти со Македонската филхармонија, а на филмско платно се појавува во филмот „До балчак“ каде што ја игра главната машка улога, потоа во филмот „Сенки“ и детскиот серијал „Петко 5+“ каде го игра ликот на Максимилијан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.