Седмата фестивалска вечер на Млад отворен театар (МОТ) почнува во 20 часот во Младински културен центар (МКЦ) каде што режисерот Марко Мартинс ќе ја постави „Привремени фигури“. Називот употребен во статистички истражувања за да се класифицираат сите мигранти, чија положба и статус се недефинирани или привремени, а кои во тој момент работат во Велика Британија.

„Привремени фигури“ е кулминацијата на двегодишен проект работен со португалската Great Yarmouth заедница, повеќето од нив доселени во градот во периодот од 2009 до 2014 година, за да работат на плантажи за производство на храна во Норфолк. Искористувајќи ја влошената состојба на овој крајбрежен град, поранешен омилен ресорт за одмор, користат хотели и полунапуштени каравани за да ги сместат своите нови работници. По неколку месеци работа во Great Yarmouth со девет жители од различни националности, Мартинс носи приказна базирана на индивидуални сведоштва на луѓето, кои лично го искусуваат периодот на несигурност и прилагодување.

Иако постојат многу вознемирувачки приказни, искуства и околности поврзани со условите за работа во фабриките каде што работат овие мигранти, тие не се во центарот на претставата. Знаете, претставата е резултат на, да речеме, огромен број на сведоштва дадени на различни начини и форми: приказни, погледи, гестови, исто така, насмевки и солзи. На некој начин, „Привремени фигури“ ги содржи сите и верувам дека се и вознемирувачки и емотивни, вели Мартинс за „Република“.

Според режисерот „Привремени фигури“ е претстава за врските меѓу човекот и животните, но има и аспекти што се однесуваат на сегашниот политички контекст. На прашањето како успеал личните приказни да ги вклопи во перформансот и која е пораката која ја испраќа Мартинс вели:

Тоа е повеќе обратно, во смисла перформансите доаѓаат од овие приказни и искуства. Тоа е претстава за врските меѓу човекот и животните, но, носи и некои аспекти што се однесуваат на сегашниот политички контекст, справувајќи се со сè што подразбира Брегзит, на пример. Не е дека имав претходна идеја или специфична порака да испорачам, а потоа да составувам со тоа што го носи актерскиот тим за да ја реализирам. Затоа беа потребни речиси две години да се создаде „Привремени фигури“ и можеби и заради ова често се случува гледачите да бидат љубопитни, да дискутираат и честопати не се согласуваат за тоа што е „пораката“, но се поврзани затоа што претставата допрела до нив, потенцира Мартинс.

Денеска на МОТ на сцената на театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес, Владимир Милчин ќе ја постави претставата „Злосторство на 21 век“. Во склоп на придружната програма со почеток од 18 часот во Кино Култура ќе се одржи предавање и дискусија со претседателот на Африканската мрежа за принципи во културата – Мајк ван Гран. По претставите следува концерт на бендот „Шумски“ со почеток од 22 часот во МКЦ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.