Денот на џез-музиката, 30 Април, годинава ќе биде одбележан на малку поинаков начин. Поради пандемијата, Здружението на џез-музичари (ЗЏМ) ќе приреди концерти во текот на цел ден кои ќе бидат достапни онлајн преку видеостриминг – на фејсбук-страниците на Град Скопје и на Младинскиот културен центар.

Во текот на целиот ден ќе настапуваат врвни македонски музичари и групи: соло-настап на Антоние Весковски, концерти на „Кабадајас“ и на „Зулу 3.4“, концерт на групата „Светлост“, како и на бендот на Михаил Парушев и на групата „3ject“.

Љубителите на џезот ќе слушнат и настап на ЗЏМ Колектив – комбо ансамбл составен од изведувачи кои се членови на Здружението на џез-музичари, веќе добро познати на македонската џез-публика. На труба ќе настапи Трајче Велков, алт саксофон – Кирил Кузманов, пијано – Гордан Спасовски, тапани – Гоце Стевковски и бас – Дарко Мучев. Како специјални гости на овој концерт ќе се појават Џијан Емин на пијано и Ѓорѓи Шарески на гитара. Ќе биде изведена оригинална музика од членовите на ансамблот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.