Виктор Ивановски, студент по анимација на „Sheridan College“, Канада, е дел од екипата што работеше на анимираниот филм „The Fox and The Pigeon“, кој годинава ја освои престижната „Ени“ награда за најдобар студентски анимиран филм, на 47.то издание на манифестацијата „Ени авордс“ во Лос Анџелес.

Ивановски е ко-режисер, а воедно е композитор и интерпретатор на музиката за филмот на чија реализација работеше заедно со уште десет студенти од „Sheridan College“ (Michelle Chua, Aileen Dewhurst, Sharon Gabriella, Sang Lee, Tyler Pacana, Kevin Sung, Morgan Thompson, Chelsea van Tol, Matt Waton and Steven Wang).

Анимираниот филм „The Fox and The Pigeon“ беше во трката за најдобар студентски филм во конкуренција од импозантен број анимирани филмови од целиот свет. Филмот доби позитивни стручни критики од светските експерти за анимација, а за неговата вредност зборува и фактот што покрај тоа што беше прикажан и наградуван на повеќе интернационални фестивали, филмот доби и специјална награда на реномираниот Интернационален фестивал за анимација во Отава, Канада.

Виктор Ивановски е студент на четврта година на „Sheridan College“ во Канада, кој важи за еден од најпрестижните факултети во светот на полето на анимација. Тој е и првиот Македонец што освоил ваква престижна награда за анимација. Како дипломец оваа година работи на неговиот завршен дипломски филм.

„Ени“ е најпрестижната награда за анимација која се доделува еднаш годишно од 1972 година. Ја доделува ASIFA-Hollywood, подружница на Меѓународнaта асоцијација на анимирани филмови во Лос Анџелес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.