Престижната британска етикета „Оникс“ го издаде нajновото самостојно компакт-диск издание на нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, едноставно насловено „Сказни од Русија“, информира „КултурОп“.
По големиот успех со наградуваните компакт дискови на кои Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар под диригентската палка на својот шеф-диригент, маестро Василиј Петренко и со македонскиот пијанист Симон Трпчески изведоа дела од Сергеј Прокофјев: два концерта – број 1 и број 3 и Увертирата на еврејски теми, како и Концертите за пијано и оркестар број 1 и 2 од Петар Илич Чајковски.
Трпчески за својот најнов соло носач на звук (трет за оваа издавачка куќа) направи внимателен избор од фасцинантна инспиративна музика од Прокофјев, Мусоргски и Римски-Корсаков.
Многу сум среќен што ова це-де излегува под закрилата на ОНИКС, како прво солистичко издание за нив. Се работеше подолго време и донесува компилација од дела како избор на програма што соодветствува и на мојот концертен распоред, бидејќи ги снимив во два наврата: минатата година ја снимив „Шехерезада“ од Римски-Корсаков, а во април годинава делата од Прокофјев и Мусоргски. Избрани се дела кои многу ретко се свират на пијано, еден избор на композиции кои се практично пример за тоа колку фантазијата на композиторот може да биде огромна и во случајов инспирирана од сказните, неограничена и апсолутно безусловна. Почнувам со една мала свита за пијано од Сергеј Прокофјев, „Сказните на Старата баба“, која покажува исклучителна генијалност во нежноста, интимноста и талентот за мелодија кај авторот, за кого многумина сметаат дека е „поагресивен“. Јас пак отсекогаш сум сметал дека тој е еден многу искрен композитор, кој се изразува со детски дух, на детски начин, а оваа негова своевидна посвета на баба му го покажува токму тоа, со сета зрелост и суптилност на неговиот начин на изразување, изјави Трчески за „Македонско радио.
Другите две дела се практично напишани за оркестар.
„Ноќ на Голиот рид“ од Модест Петрович-Мусоргски, адаптирано од Николај Римски-Корсаков, а за пијано од Константин Чернов, изобилува со, за тоа време, модернистички сфаќања и заедно со концертната свита „Сказна за Шехерезада“ од Римски-Корсаков во обработка на Пол Гилсон, овој „огномет“ на пијаното од технички аспект носи автентичност на инструментот како „оркестар во мало“. Мислам дека на публиката ќе и’ се допадне не само пијанистичкиот „огномет“ од технички аспект, туку и суптилноста, изобилието на фантастични мелодии, дури и со ориентална нота, ќе остави еден убав впечаток кај слушателите. Тимот со кој што работев под водство на продуцентот Ендрју Корнал навистина се потруди да обезбеди одличен звук. Снимавме во Ливерпул во еден простор со навистина возвишена енергија, што служел и како црква и сметам дека постигнавме високо ниво на автентичност и професионалност, појаснува Трпчески.
Инаку, овации од публиката наградени со изведби на бис е редовната ситуација и на најновата серија концерти што во новата сезона нашиот пијанист Трпчески ги отсвири ширум светот. По летната турнеја што ги опфати Бразил, Црна Гора, Холандија, Јапонија и престижните концертни сали во Германија, Финска, Чешка, Ерменија, Велика Британија, Шпанија, Белгија, Романија беа домаќини на неговите бравурозни креации без оглед дали настапува со оркестар, има самостоен рецитал или се радува на можноста за новоосвоена сцена со изведбата на проектот инспириран од македонскиот фолклор МАКЕДОНИСИМО.
Серијата концерти на нашиот пијанист низ светот во ноември продолжува во Детроит и Сент Луис, САД, а самостоен рецитал во Париз го очекува на 17-ти наредниот месец. Тука е и за прв пат гостувањето во Ташкент, Узбекистан. На ова се надоврзуваат и декемвриските настапи во Франкфурт и Виена (прочуената сала „Музикферајн“).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.