Театарска екипа на Македонскиот народен театар тргна на пат за Катманду, Непал, каде ќе ја изведе претставата „Разговори во четири очи“ во режија на Нина Николиќ. Гостувањето на МНТ во Непал е во рамките на НИТФест 2019 (Nepal International Theatre Festival), меѓународен театарски фестивал што се одржува од 25 февруари до 4 март оваа година. За учество на фестивалот аплицирале 125 театарски компании, а во програмата влегоа 30 претстави (12 непалски и 18 странски продукции) од девет држави.
Претставата „Разговори во четири очи“ ќе има две изведби. Првата е во рамки на програмата на НИТФест на 26 февруари во Шилпи Театар во Катманду. Со намера да се прошират активностите во други градови на Непал, фестивалот има и паралелна програма во чии рамки македонската претстава ќе биде изведена и на први март во театарот во Покхара.
Мото на НИТФЕст 2019 е „Театар за социјална трансформација: уметничко патување“ со што се дава придонес кон зајакнувањето на општествената хармонија, почитувањето на социјалната разноликост и зачувувањето на нематеријалното културно наследство преку социјалната свесност, уметноста и размената на искуства. Покрај Непал, на фестивалот учествуваат претстави од Индија, Авганистан, Норвешка, Италија, Бангладеш, Данска, Шри Ланка и Македонија.
Претставата „Разговори во четири очи“ е поставена на текст од Ингмар Бергман со адаптација на Тамара Барачков како копродукција меѓу Македонски народен театар и продуцентската куќа „Скопје филм студио“. По македонската премиера во 2015 година претставата гостуваше на фестивали во повеќе држави, меѓу кои Русија, Словачка, Белорусија, Србија, Босна и Херцеговина и Косово.
Актерската екипа која тргна на пат за Катманду ја сочинуваат Амернис Нокшиќи – Јовановска, Петре Арсовски, Нина Деан, Дарја Ризова, Катина Иванова, Благој Веселинов и Дамјан Цветановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.