Проектот „Патиштата на хероите“, на Македонскиот народен театар кој се занимава со откривање и поддржување на поединците чија еколошка свест придонесува за позитивни општествени промени е поддржан од Програмата Креативна Европа во рамките на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан со вкупна сума од 395.183 евра. Oва е првпат театар од Македонија да добие средства од Програмата Креативна Европа од Европската Унија, соопштија од МНТ.

Станува збор за комплексен проект со времетраење од две и пол години, чиј почеток се очекува во февруари следната година. Покрај МНТ како главен партнер, во проектот се вклучени уште 6 организации од кои една од Македонија (Издавачка куќа Гаврош) и 5 од другите партнерски земји Италија (Ла Драматурџи), Грција (Лооп Амке), Босна и Херцеговина (Студио Театар), Словенија (Институт за театарска игра) и Србија (Ехо Анимато). Секоја од организациите се занимава доминантно со производство, промоција и истражување на театарски и сценски форми.

Финален производ на проектот, во 2022 година, ќе биде премиерата на копродукцијата „Народен непријател“ на Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ во која ќе учествуваат автори од сите партнерски земји, а во изведба на актери од ансамблот на МНТ. Инспирирано од текстот на Ибзен, претставата ќе се занимава со испитување на улогата на поединецот во општеството, важноста на неговиот глас, како и погубната вистина дека гласот на мнозинството е секогаш помоќен од оној на поединецот независно кој е во право Премиерата на претставата ќе се случи во Македонскиот народен театар, а потоа ќе биде изведена во сите партнерски земји, како и на фестивали во Европа и регионот. Во рамките на проектот се предвидени и други бројни програми (професионални работилници под водство на Томи Јанежиќ, изложба под водство на Џан Мариа Черво, креативни истражувања под водство на Ана Константиновиќ, издавачка дејност за деца под водство на Ника Гавровска, како и работилници од областа на современиот танц и гостувања на театарски фестивали итн).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.