Фестивалот „Охридско лето“ синоќа во црквата „Света Софија“ во Охрид организира работилница на тема „Ритамот – Движењето, Музиката – Дишењето“ со познатиот музичар и композитор Оливер Јосифовски.

На публиката и беше доловена музичка слика за она што го работи Јосифовски заедно со неговата група „Љубојна“ во текот на изминатите години кое веќе е претворено во препознатлив македонски музички јазик.

Се обидуваме тој музички јазик којшто се изговара универзално, да го презентираме во светот.Малку отсвиревме, малку разговаравме со публиката, се надевам, на општо задоволство. Насловот на работилницата „Ритамот-Движењето, Музиката-Дишењето“ е и нашиот оган и двигател што секогаш нѐ раздвижува во последните 18 години како „Љубојна“, но и пред тоа. Ставивме акцент на убави приказни што ги подготвивме за публиката, вели Јосифовски.

Според него, македонската музика е вброена во светското музичко наследство благодарение на нејзината презентација од страна на македонските музичари.

Македонската музика е ѕвезда што сјае и малку е недостижна. Таа честопати е романтична ѕвезда како што ние гледаме на Венера. Котира одлично и е егзотична мамка за сите коишто ќе помислат на балканска музика. Секојдневно се изненадувам од многу регионални, но и светски артиски кои се потпираат на македонски песни и теми. Тоа значи дека македонската музика е инспирација за многу музичари. Ние се трудиме македонската музика да ја презентираме на најдобар начин и сме амбасадори заедно со повеќе македонски артисти наназад. Оставено ни е огромно културно богатство коешто многу тешко се носи, а треба да се пренесува, додава познатиот музичар.

Во рамките на синоќешната работилница, освен темите поврзани со музиката, беше презентирана и музиката што изминатите години на посебен начин ја создава Јосифовски заедно со групата „Љубојна“. Настапија Вера Милошевска, вокалот на групата „Љубојна“, и воопшто, еден од најдобрите женски вокали во нашата земја, Филип Димишковски на пијано, како и Тимко Чичаковски на егзотичниот арапско-персиски инструмент канон, којшто е присутен во нашата византиска чалгиска музика.

Оливер Јосифовски заедно со етногрупата „Љубојна” ја негуваат македонската традиционална музика и веќе се нејзини препознатливи амбасадори во светот. Работи музика за филм, документарен филм, анимирани филмови и музика за балет.Во моментов создава музиката за нов македонски игран филм. Неговиот творечки опус опфаќа 12 снимени албуми, компилации со групата „Љубојна“, два албуми со групата „Фолтин“,како и над 20 џез-изданија од домашната и светската џез сцена.

Директорката на фестивалот „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, истакна дека продолжува практиката, музички настани со висок квалитет да се одржуваат и надвор од стандардниот фестивалски термин.

Практиката од минатата година продолжува и годинава, сѐ до следното, јубилејно 60-то издание на фестивалот „Охридско лето“. Нашата цел е, да ѝ понудиме на публиката квалитетни настани и со тоа да ја збогатиме културната понуда во Охрид, вели директорката Поповиќ.

По завршувањето на последното фестивалско издание, Националната установа „Охридско лето“ во септември организира концерт на јапонскиот пијанист Томохиро Адачи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.