ВМРО-ДПМНЕ по скандалот на министерството за култура реагира дека културата во Македонија ја живее својата трагедија. Од најголемата опозициска партија во земјава велат дека тоа што го направи Владата со Годишната програма за работа во културата за 2019 година е срам, а постои сериозен сомнеж и за криминал.

Македонската културата ја живее својата трагедија. Тоа што владата на СДСМ го прави со Годишната програма за работа во културата за 2019 година е срам, а постои сериозен сомнеж и за криминал. Поделбата во македонското општество предизвикана од погубните политики на Заев од ден на ден е се поголема. Годишната програма на Министерството за култура е само уште еден експлицитен пример за поделбата во македонското општество по етничка и партиска линија. Поделба на наши и ваши, на подобни и неподобни. Блискоста до Заев и неговите гавази стана единствен критериум за добивање на буџетски средства.

Медиумите веќе објавија дека фирмата „Меденица“ ДООЕЛ увоз – извоз Скопје, од министерството за култура доби неверојатни 1,7 милиони денари. Фирмата „Меденица“ ДООЕЛ увоз – извоз Скопје била формирана на 27-ми септември, неколку дена пред да биде распишан конкурсот на министерството. Само овој податокот е доволен за основан сомнеж за манипулација со буџетските средства.

Дали е точно дека лани во август само еден месец пред да биде објавен конкурсот формирано е и здружението „Оп-лека“ од Тетово кое за манифестацијата „Тетово пее“ доби 100 илјади денари? Дали е точно дека „Елите евентс“ од Тетово доби 400 илјади денари, но ваква фирма или здружение не може да се најде во Централниот регистар? Дали е точно дека „Зери Дарданис“ од Тетово кое доби 100 илјади денари од министерството е формирано во мај месец минатата година, четири месеци пред распишувањето на конкурсот?

Парите на граѓаните и буџетската сметка на Република Македонија се третирани како лична партиска сметка на СДСМ која служи за исплата на долговите на Заев кон неговите доверители, најзаслужните за неговото доаѓање на власт. Реномирани уметници, институции и фестивали со огромно влијание во македонската култура се заборавени од државата, дискриминирани со цел исплата на концесиите на Зоран Заев. Колку за пример на Националната установа Турски театар – Скопје и е одобрен само еден единствен проект.

Почитувани, СДСМ се откажа од македонското име, македонскиот јазик, идентитет и историја, а на ред е македонската култура која изминативе две и пол години, откако Заев седна во премиерската фотелја, е целосно девастирана. Дали за да се комплетира сликата за антимакедонските политики на Заев, по идентитетскиот геноцид, следува нов културен геноцид на македонскиот народ?!, заклучуваат од партијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.