По седми пат оваа година, Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) за време на Саемот на книгата, ќе ги додели наградите на МАИ. На Саемот на книгата, кој ќе се одржи од 4 до 10 мај, МАИ ќе додели признанија за најдобрите изданија, автори и издавачки проекти кои го одбележаа периодот од саемот минатата година до овогодишниот саем (мај 2022 – мај 2023 година).

Поканата за учество на конкурсот за наградите на МАИ е отворена за сите издавачи од Р.Македонија, кои можат да конкурираат со своите најдобри изданија и проекти во следниве категории:

  1. Признание за најдобра едиција
  2. Признание за најдобар дизајн на корица
  3. Признание за најдобро ликовно-графички уредено издание
  4. Признание за најдобра книга за деца
  5. Признание за автор на годината
  6. Признание за најкреативно издание
  7. Признание за поттикнување на општествена одговорност
  8. Специјално признание за промотор на читачката култура

Целта на наградите на МАИ е оддавање признание на издавачите и уметниците (писатели, графички дизајнери, илустратори…) кои во текот на годината успеале да креираат оригинални дела и со својата работа да го подигнат нивото на издаваштвото во земјава.

Од година в година наградите на МАИ привлекуваат сè поголем интерес бидејќи се вистинско признание за креативноста и квалитетот во издаваштвото. Во исто време тие претставуваат и поттик за издавачите и сите вклучени во процесот на издавање да го дадат својот максимум, вели Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи.

За наградите на МАИ оваа година ќе одлучува независна жири комисија, составена од тројца членови, врвни професионалци во сферата на книжевноста и на графичкиот дизајн: писателот, уредник и преведувач Владимир Јанковски; драматургот и преведувач Дарко Спасов и графичкиот дизајнер, креативен директор и илустратор Ивица Спасовски.

Издавачите што сакаат да конкурираат, документот за апликација можат да го побараат на е-поштата sekretar@mai.org.mk. Крајниот рок за испраќање на апликациите е 28 април 2023 година, а свеченото доделување на наградите ќе се одржи на Саемот на книгата, на Денот на македонскиот јазик, 5 мај.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.