Вечерва во горното фоаеј на киното „Фросина“ (23 часот) во рамките на 18. издание на Фестивалот на евроски филм „Синедејс“ кој е во тек во Скопје македонска премиера ќе има филмот „Стакло“во режија на Амалиа Рамирез, посветен на македонскиот музички виртуоз Зоран Маџиров. Сценарист на краткометражниот филм „Стакло“ е неговата ќерка Нина Маџиров, која ја игра и главната улога во филмот.
„Стакло” е снимен во рамките на нејзината студиска програма на Њујоршката филмска академија во Лос Анџелес, каде што Нина студираше.
По ненадејната смрт на нејзиниот татко, Миа треба да исполни ветување и се обидува да засвири на шишиња полни со вода. Доаѓа нејзината другарка Натали и се обидува да ја убеди да оди погребот. Миа се противи.
Во филмот се говори за борбата помеѓу надежта и реалноста. Стакло за мене е еден вид на исповед. Тоа ми беше начин да се соочам со вистината и да ја преболам тагата. Во филмот ја глумам Миа која го исполнува последното ветување на татко ѝ. Таа ја свири „Месечевата соната“ од Лудвиг ван Бетовен, вели Нина за „Република“.
За Нина посебна чест е што „Стакло“ ќе ја има македонската премиера токму на „Синедејс“.
Ми беше огромна чест мојата приказна да ја преточам на големото платно како сценарист, а воедно да ја остварам и мојата актерска цел. Притоа балансот дојде како резултат на успешна соработка помеѓу целата филмска екипа, вели Нина со оглед на тоа дека е и сценарист и актер во филмот.
Краткометражниот филм „Стакло“ досега има учествувал на неколку филмски фестивали и освоил 11 награди меѓу кои за најдобра актерка, најдобра режија, најдобар инспиративен филм.
Американската премиера на „Стакло“ беше во TCL Chinese Theatre каде што се прикажуваат најпознатите филмски премиери во Холивуд.
Зоран Маџиров почина на 49 години, во мај 2017 година, по седум месеци во кома. Имаше тешка сообраќајка на пат кон Струмица.
На почетокот на кариерата Маџиров го нарекуваа „лудиот“ тапанар. Во Германија го нарекуваа Флашофон, во Америка Ботлфон во Италија Бутилиофон, а овде Зоки Ботлмен. САД му дадоа државјанство.
Волшебникот на шишиња од Струмица во својата 25-годишна кариера има работено за светски звезди како што се Стинг, Тина Тарнер, Мајкл Џексон, Хари Бела Фонте, Тито Пуенте, Скорпионс и помалку познатите Реџи Воркменг, Џими Хедад и многу други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.