Деновиве „Македоника литера“ од Скопје објави уште три нови книги како дополнение на антологиската едиција „Најдобрата кинеска литература за деца“, од која првите десет книги беа објавени пред една година. Новите три книги се „Приказните на Фанг Гуози“ од Џоу Жуи, „Летото на Поер“ од Џанг Ѓие и „Животот е живот“ од Џанг Хаиди. Преведувачи се Елена Саздовска, Сибел Ајдинова и Анета Пауновска.
Антологиската прозна едиција „Најдобрата кинеска литература за деца“ „Македоника литера“ ја реализира како копродукциски проект со издавачката куќа „Делфин букс“ од Пекинг, НР Кина. Во едицијата се застапени најпознатите и најчитаните современи кинески писатели за деца и за млади. Во овие книги се вклучени најдобрите дела на авторите, избрани од самите автори. Изборите содржат бајки, басни, раскази или новели. Како прилог, во книгите се објавени и текстови на авторите кои го образложуваат својот избор и се осврнуваат на своето творештво.
Оригиналната едиција на кинески јазик содржи 25 книги избори од исто толку автори, а „Македоника литера“ планира сукцесивно да ја објави целата едиција на македонски јазик.
„Приказните на Фанг Гуоѕи“ на Џоу Жуи (1953) содржи 14 раскази, кои се поврзани со ист лик и претставуваат своевидна целина. Жуи е уредник на издавачката куќа „Народни ликовни уметности“ од Шангај. Во неговите дела се вбројуваат: „Хумористична верзија на чудните приказни од едно осамено студио“, „Премиерот има петмина толкувачи“, „Комарците грицкаат комарци“, „Ун и Ах“, „Двајца велики генерали“, „Учителката во училишната чанта“, „Кинескиот зајак и германската трева“, „Големиот глушец и малата мачка“ и „Боата на оперската сцена“. Осумпати е добитник на највисоките награди за книжевност за деца во Кина. Во своите дела, тој пред публиката распостила еден интересен свет исполнет со детска забава и живост и хумор.
Џанг Ѓие (родена во 1969 година) за својата книга „Летото на Поњер“ избрала 11 раскази.

Најпознати нејзини книги се: „Девојката која чука на вратата“, „Тајната територија“, „Тајната на пубертетот“, „Бакнувајќи ја мојата дрвена ограда“, „Кога цвеќињата расцутуваат“, „Вечниот гулаб“ и „Сонцето блеска“. Покрај овие книги, таа ја има преведено и Волшебниот свет на Мики Маус. Добитник е на три високи книжевни награди. Позната е по тоа што прозата што ја пишува им е посветена на девојчињата. Нејзините дела, кои се посветени на истражувањето на внатрешниот свет на девојчињата, се напишани со извонреден јазик и со богата емоција.
Џанг Хаиди (родена во 1955 година) е претседател на Кинеската федерација на лица со посебни потреби и е познат активист во кинески и меѓународни организации за овие лица. Нејзините поважни романи се „Сон во инвалидска количка“ и „Самит“. Нејзини најпознати прозни дела се „Прозорец со отвор кон небото“ и „Животот е живот“. Нејзини преведувани дела се „Клиника на крајбрежјето“, „Ребека во новото училиш¬те“ и „Патопис на малечкиот воденичар“. Кај младите Кинези таа е позната како Сестра Хаиди. Во голем дел од своите книги пишува за лицата со посебни потреби и во нив има многу автобиографски елементи. Нејзината проза е искрена, храбра и трогателна. „Животот е живот“ содржи 30 раскази.


„Македоника литера“ минатата година ги објави следните избори од десет доајени на современата кинеска литература за деца: „Тајната на слатките јагоди“ од Танг Сулан, „Мирисливата птица“ од Ѓин Бо, „Легенда за мечето Панда“ од Сун Јоуѓун, „Магичниот папагал“ од Ге Бинг, „Персискиот мачор Пек“ од Гао Хонгбо, „Малиот ној рицар“ од Лиу Сианпинг, „Божјиот фенер на морето“ од Донг Хонгјоу, „Приказни големи колку дланка“ од Џанг Ќуишенг, „Братучед ми доаѓа“ од Ќин Венѓун и „Вкусот на сонцето“ од Џанг Џилу.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.