Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, неодамна го објави лексикографскиот труд на проф. д-р Трајко Огненовски „Реторички речник на поими и дефиниции“, кој претставува прв ваков лексикографски труд за македонскиот јазик.
„Реторичкиот речник“ е во обем од над 4.000 единици и може да се смета за капитален проект за македонскиот јазик и за македонската лексикографија. Го зафаќа стандардниот македонски јазик, македонските дијалекти, македонската фразеологија и лексиката, третирани од реторички, комуникациски и лингвистички аспект.
Лексиконот навлегува во реторичката сфера на македонскиот јазик со цел да им помогне на корисниците за запознавање, покрај другото, и со општите и посебните реторички особености на македонскиот јазик, како и со улогата на самиот јазик во ораторството. Меѓу поглавните грижи на составувачот му беа дефинициите што ги следат поимите и термините да бидат јасни, информативни и лесно разбирливи и врз примерите за нив (сметани за неизбежни) да се употребуваат во секојдневната комуникација. При објаснувањето на термините водена е грижа да се опфати нивната вистинска и објективна важност и значење, поради што се користени бројни лингвистички трудови, учебници, лексикони, речници од домашна и странска литература.
„Одредниците (заглавните поими) на македонски јазик се печатени со верзални букви. Сите поими, термини, дефиниции, антропоними и др. од туѓо потекло дадени се фонетски, со кирилска транскрипција, во согласност со Правописот на македонскиот литературен јазик (издание со изменет и дополнет текст), Скопје, 1998 и 2015 год. Извесни правописни правила се директно пренесени од Правописот на македонскиот јазик, изд. на ИМЈ Скопје, 2015, сметајќи ги за строго неизменливи. За термините од странско потекло набележано е етимолошко потекло (посебно од латински и грчки карактер), додека на другите термини кратенката на јазикот чие потекло е односниот збор. Литературните поими сместени во Лексиконов се сметани за придонес и од јазичен и реторички карактер. Секако без солидното јазично познавање секој говор или говорење се осудени на неточност. Составувачот водеше грижа да им овозможи на читателите да дојдат до одредени поими, за кои сметаат дека се неопходни во комуникацијата и за сознанијата од соодветната област“ – појаснува авторот во предговорот.
Претставувањето на реториката во форма на прирачник (лексикон), по абучен ред е исклучително корисно. Ваквите видови творечки дела се оправдани од голем број причини, а најповеќе од изразувањето преку помагање во навлегувањето во сферата на една научна област со мултидисциплинарен карактер. Не мал број од застапените термини постои доктринско разминување во сфаќањето како и променливост на класификацијата, кои по прочитот ќе се дојде до конкретното, сфатливото и блискоста со реториката. Такви термини од друга област, поместени во Лексиконот, помагаат во разјаснување на одреден проблем. Тие се потврда дека реториката има допирни точки со лингвистиката, стилистиката, филозофијата, социологијата, психологијата и др. општествени научни области.
Општопозната дефиниција е дека реториката е една од трите првични либерални уметности или trivium (другите два члена се дијалектиката и граматиката). Во текот на својата историја, долга 2500 години, поимот реторика се користи да означи многу важности, но општо познато е дека под реторика денес се мисли на уметност на убедување преку јазик. Реториката може да обележува начин на кој поединец се надоврзува на одредена тема или идеја со цел да го убеди другиот. Во текот на својот развој реториката се усовршувала и изделувала на повеќе поддисциплини, како: деловна, политичка, општа, реторика на младиот свет, на возрасните, додека според намената на: воена реторика, црковно-словенска, од историски аспект: античка, римска, средновековна – византиска реторика, а во време на социјалистичкото општество – социјалистичка и најпосле – плуралистичка (повеќепартиска). Според намената: судска, школска, деловна итн. Покрај другите постојат: деловна комуникација, училишна, педагошка и сл. Според видот на: гладијаторска, лидерска, па дури и секојдневна во јавната комуникација.
Трајко Огненовски е пензиониран универзитетски професор. Докторирал на Филолошкиот факултет во Скопје. По дипломирањето и магистрирањето бил избран за научен секретар во Друштвото за наука и уметност – Битола, а во 1995 година бил избран за доцент за македонски јазик и култура на говорот при Педагошкиот факултет – Битола, каде се пензионирал во 2004 година., здобивајќи се со сите наставно-научни звања. Автор е на 14 самостојни научни трудови од повеќе области и на близу 300 трудови во списанија и зборници на одржани научни средби.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.