Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве го објави романот „Blue Moon“ на хрватскиот писател Дамир Каракаш, во превод од хрватски јазик на Ленче Тосева.
Романот на хрватскиот писател Дамир Каракаш „Blue moon“ претставува предвоен роман од повоената хрватска книжевност. Авторот следи еден фанатичен рокер, пропаднат загрепски студент од провинција, на самиот крај на осумдесеттите години на дваесеттиот век. Во својата егзистенцијална изгубеност се соочува со најавата за војна која ја слуша на улица или во семејните разговори. Се соочува со судир на младешката супкултура и трауматичното семејно наследство. Во романот се прави спој на интимната и општествената атмосфера и уверливо се чувствува сликата на автентичната предвоена мачнина. Романот претставува слоевито збогување на јунакот со една младост и со едно време на безгрижност и студентска слобода и влегување во „светот на возрасните“, односно во сериозната доба во животот. Приказната за главниот лик Чарли се однесува на период од неколку месеци – откако тој првпат ќе ја види девојката од своите соништа до моментот кога нејзината бременост е напредната, а идниот избезумен татко од прозорецот гледа како минува камион полн со мртви тела. Во приказната има епизоди од детството на главниот лик, кои всушност се случуваат во Лика – родниот крај на нетипичниот хрватски писател Дамир Каракаш. Романот се потпира на сопственото искуство на писателот, но не е автобиографски.
Дамир Каракаш (1967) е познат хрватски писател и карикатурист. Неговите книги се преведени на повеќе јазици и е добитник на значајни книжевни награди. Според неговата книга „Кино Лика“ е снимен истоимениот филм кој неколкупати е наградуван во Хрватска и во странство. Според некои негови дела, поставени се и театарски претстави. Бил воен репортер на „Вечерњи лист“, а известувал од боиштата во Хрватска, Босна и Херцеговина и Косово. Работел и како новинар за црната хроника за истиот весник, а со карикатура се занимава од младешките години. Живее на релација Париз – Загреб. На почетокот во Париз се снаоѓа и преживува со свирење хармоника на улица. Амбиентот од тој почетен париски период е отсликан во неговиот роман „Сјајно место за несреќа“, кој е објавен и на македонски јазик.
Каракаш е автор на следните книги: „Босанците се добри луѓе“ (патопис, 1999), „Комбетари“ (роман, 2000), „Кино Лика“ (раскази, 2001), „Како влегов во Европа“ (роман, 2004), „Ескими“ (раскази, 2007), „Сјајно место за несреќа“ (роман, 2009), Полковникот Бетовен (раскази, 2012), „Blue Moon“ (роман, 2014), „Сеќавање на шумата“ (роман, 2016), „Прослава“ (роман, 2019).
Тој е еден од најчитаните современи хрватски писатели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.