Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, деновиве ја објави книгата „Мудроста на Конфучиј. Научете да бидете врвен лидер“, во превод од англиски јазик на Анета Пауновска.
Станува збор за поучна книга заснована на доблестите на конфучијанската мудра мисла.
На едноставен јазик книгата ги објаснува длабоките теории за развој и за управување, засновани на вредностите на „Аналектите“ на Конфучиј, поставувајќи го патот до успехот за секој професионален менаџер и лидер.
Д-р Каспер Ших е еден од најуспешните менаџери во светот и стратег на создавањето на еден од „четирите азиски тигри“ во економијата – Тајван. Toj докажува дека „Аналектите“ на Конфучиј (познати и како „Лун Ји“) се бесценет водич за менаџирање со една компанија или за владеење со една земја. „Гледиштата на Конфучиј за принципите на односот надреден – подреден се исклучително мудри и далековидни. Тие може да му помогнат на еден лидер како и на една обична личност да води земја, компанија или дури и домаќинство“, пишува д-р Каспер Ших.
„Аналектите не само што обезбедуваат пат за успешен личен напредок и пробивање на себеси во општеството, туку и се уште поскапоцени за управувањето. Тие се од суштинска важност за водење на една земја или на еден бизнис и се основата за модерната теорија на управувањето. Аналектите ги истакнуваат слободата, демократијата, правдата, чесноста, љубовта и човечноста со особен акцент на филозофијата на искреност и грижа… Конфучиј рекол: `Владеј доблесно и ќе бидеш како ѕвездата Северница. Таа останува на своето место додека сите други ѕвезди (луѓе, вработени) кружат околу неа`. `Ако ги водиш луѓето доблесно и исправно, тие ќе имаат чувство за срам и интегритет (ќе се управуваат себеси без потреба од управители)`. Овие две едноставни реченици поставуваат пример дека еден лидер би требало да ја постигне и да ја разјасни важноста на корпоративната култура – пишува Ших.
Каспер Ших (1937), доктор по техничка наука на универзитетот во Токио, е претседател на Глобалниот кинески фонд за конкурентност. Повеќе од 4.000 средни и мали претпријатија во Тајван постигнаа успешна трансформација под негово водство. Клучните проекти кои беа во негова надлежност се „Планот за автоматизација на производството“, „Подобрување на продуктивноста во севкупно движење“, „Проектот за подобрување на квалитетот на производите“, „Планот за технологија за воведување на средни и мали претпријатија“, итн. една од клучните фигури што го промовираа Тајван во една од четирите азиски тигри. Беше наречен „таткото на автоматизацијата на Тајван“. Имплементацијата на планот за автоматизација и програмата за промоција на квалитетот од Тајван направија лидер меѓу „четирите азиски тигри“ на почетокот од 90-тите години на 20 век.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.