Во монографијата на Скопскиот џез фестивал (2011 година) свој есеј насловен како “Европскиот џез, приказна што ќе треба да се раскаже“ имаше и познатиот италијански истражувач на џезот, автор и публицист, Франческо Мартинели. Во есејот беше напишано: “Денес предизвикот е да се создаде музикологија на европскиот џез, да се изгради база на историски податоци за она што досега е направено, почнувајќи од одделните музичари и земји, па се до влијателните струи на ромска и еврејската музика, збогатувајќи и продлабочувајќи ги притоа нашето разбирање и љубов кон американскиот џез“.
Овој есеј во тој период послужи како инспирација на бордот на директори на “Европската џез мрежа“ (период во кој јас бев член на бордот и генерален секретар на организацијата) да иницира создавање на едно капитално дело за историјата на европскиот џез. “Линк“ кој недостасуваше затоа што во европската литература на џезот постоеја само книги за музичари и џезот во поединечни земји (како на пример, и за Југославија). Задачата да обликува и едитира една така сеопфатно издание, со користење на голем број национални архиви беше доверена токму на Мартинели.
И конечно, кон крајот на 2018, после повеќе години макотрпни подготовки, книгата која има непроценлива вредност и сигурно ќе претставува непресушна инспирација за новите генерации слушатели и музичари се најде во нашите раце.
“Историјата на европскиот џез“, во голем формат, на 752 страници и со 250 илустрации, ја издаде “Еквинокс паблишинг“ од Англија, со финансиска подршка на Европската Унија (преку програмата “Креативна Европа“) и “Европската џез мрежа“. Во неа Македонија има свој засебен дел, напишан од Елени Новаковска (со дополнителни информации на Младен Мазур).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.