Во издание на Издавачката куќа „Македонија презент“ од Скопје, објавена е поетската книга „Обратна“ од Христо Петрески. Стихозбирката содржи вкупно 80 песни неподелени во циклуси, а поднасловот на книгата е „Филозофијата на полжавот“.
Како што соопшти издавачот, во оваа книга преовладуваат филозофското, мисловното и необичното. Ракописот е замислен и остварен како експеримент на тематско-мотивски и изразен план.
Во книгата „Обратна“ речиси се е нетипично, па и задната корица е прва, а и песните се објавени по нехронолошки ред. Со оваа книга авторот внесува нов стил и постапка во своето досегашно творештво. Доминираат урбани и секојдневни теми и мотиви, односно песни создадени во ковид-периодот, а кои покренуваат редица егзистенцијални дилеми и прашања.
Книгата „Обратна“ како творечка и креативна иновација наидува на убав прием кај читателите и, иако е објавена пред само неколку месеци, тиражот е исцрпен и веќе се подготвува за печат нејзиното второ издание. Исто така, постои заинтересираност за преведување и објавување на книгата на српски, хрватски, словенечки, албански и бугарски јазик, соопшти издавачот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.